Првата група бегалци од Италија префрлена во Шведска

Група од 20 бегалци од Еритреја денес ја напуштија Италија и заминаа по подобар живот во Шведска.

Ова е прв случај на префрлување на бегалци од една земја членка на ЕУ во друга, според новиот план на Унијата за прераспределба на бегалци.

Според планот, во сите членки на ЕУ треба да се прераспределат околу 120.000 лица, кои сега престојуваат во Италија и Грција.

Планот за раселување на бегалци од овие две земји, беше договорен минатиот месец.

Дваесетмината млади бегалци од Еритреја, беа префрлени во Шведска со специјален авион на италијанската полиција.

Италија и Грција се најпогодени со бегалската криза и напливот на бегалци и мигранти од Блискиот Исток, Африка и Азија, пренесува МИА.

Само во еден ден, оваа недела, околу две илјади лица, дојдоа до бреговите на Италија преминувајќи го Медитеранот.

Европските министри за внатрешни работи, се договорија вчера околу забрзаната депортација на сите кои не добиле или нема да добијат азил. Министрите се заложија и за зголемување на ефикасноста во процесот на реадмисија со земјите, кои не се дел од Европската Унија.

Германија и Австрија одлучија да испратат свои екипи во Грција и Италија за да им помагаат на тамошните имиграциски власти, околу регистрирањето и разместувањето на бегалците и депортацијата на оние кои не ќе може да останат во ЕУ.

Засега, азил им се дава на бегалци од Сирија, Ирак и Еритреја, додека дојденците од другите земји од Азија и Африка се третираат како економски мигранти.

Минатата година, во сите 28 земји од ЕУ имало 500.000 илегални бегалци, кои сега ќе треба да се враќаат во земјите од каде потекнуваат, но само 40 отсто од нив досега се определени за депортација.