Првата група од 200 бегалци од Германија пристигна во Франција

Околу 200 бегалци денес од Германија пристигнаа во Франција. Ова е првата група со која почнува реализацијата на ветувањето на францускиот претседател Франсоа Оланд дека неговата земја ќе помогне во раселувањето на мигрантите низ Европа.

Со автобуси од Минхен бегалци пристигнаа во селото Шампањ-сер-Сен, југоисточно од Париз. Повеќето од нив доаѓаат од Сирија, Еритреја и Ирак. Тие во селото беа пречекани од претставници на Црвениот крст.

Уште 800 бегалци утре и во петок треба да пристигнат во земјата.

На почетокот на неделата Оланд изјави дека Франција ќе прифати 24.000 бегалци за да го олесни нивниот наплив во Германија – од кои многу патуваа преку Унгарија.

Од Црвениот крст изјавуваат дека вложуваат напори новопристигнатите бегалци да добијат јазичка, здравствена и правна помош, како и поддршка за стекнување со престојувалиште.  Обработката на документите за легализирање и сместување на бегалците ќе одземе најмалку два месеца.