Првиот човек на австриската бизнис федерација: Владата создава многу добра бизнис клима

Премиерот Груевски пред средбата во Виена на која беа претставени можностите за инвестирање во земјава  ја посети компанијата Капш и нивните производствени погони, а потоа имаше и одвоена средба со сопственикот и главен извршен директор на компанијата,  Георг Капш, кој воедно е и претседател на Федерацијата на австриски индустрии која обединува над 4200 австриски компании.

Групацијата Капш е голема австриска компанија со над 5 000 вработени која остварува годишни приходи од над една милијарда долари, и која вложува околу 120 милиони долари годишно за истражувања и развој.

-Почестени сме што премиерот Груевски ја посети нашата компанија. Ние сме посветени на комуникациските системи, телекомуникациите и недвижнините. Македонија е многу интересен пазар за нас, во поглед на капацитетите на работната сила, но и побарувачката. Кога станува збор за бизнис климата во Македонија ние мислиме дека инвестициската клима е многу добра, нудите различни можности, ниски даноци, имате многу пријателска клима за инвеститорите. И ние како Асоцијација на австриската индустрија ве поддржуваме и ги мотивираме австриските компании да инвестираат во Македонија, изјави Капш.