Првиот човек на ЗНМ застана во одбрана на Зекири

Првиот човек на Здружението на новинари на Македонија, Насер Селмани, наместо да ја осуди цензурата на главниот и одговорен уредник на Алсат-М телевизија Мухамед Зекири врз Васко Ефтов и неговата емисија „Во Центар“, Селмани со сите сили ги брани Зекири.

Во својата одбрана кон Зекири, Селмани крајно непрофесионално, на моменти и дрско го напаѓа Ефтов за чија емисија вели дека била непрофесионална и скандалозна затоа што косовската војна во 1999 година, Ефтов еднострано ја пренел базирана само на српската пропаганда, каде што фалеле албанските протагонисти, косовските Албанци. Селмани забележува дека екс-шефот на воената српска тајна служба, Стефан Ѓоровиќ , во емисијата на Ефтов се обидел “херојот на војната во Косово да го претстави како маженце, кој за да го спаси својот живот облекол женска облека“

-Со овие лаги Ѓоровиќ и Ефтов имаа многу јасна цел, да се омаловажи војната за слобода на Албанците во Косово, пишува навредениот Селмани во реакција на својот ФБ профил.

Интересен е фактот што првиот човек на ЗНМ веднаш со сите сили се впушти во одбрана на неговиот колега Мухамед Зекири и остро го нападна Васко Ефтов, а во изминатиов период молчеше за сите напади и линчувања на новинари, но кога Зекири е во прашање, тоа не е случај со Селмани.

Истиот овој Селмани, изминатиов период збор не кажа кога беа линчувани новинари и си поднесуваа оставки, како што беше случајот со Душица Мрѓа, која беше директно нападната од високи фунционери на СДСМ, потоа случајот со уредникот на 24 Вести Гоце Михајловски, како и низа напади, навреди, пцовки и вулгарности од секаков вид кои секојдневно се истураат врз новинари кои се неистомисленици со опозицијата, чија политика Селмани жестоко ја брани.

Селмани остана да молчи и за секојдневните напади кон уредникот на информативната програма на МРТ Горан Петрески, како и главниот и одговорен уредник на јавниот сервис Диме Ратајковски. Селмани молчеше и кога беа напаѓани новинарот на Телма Боби Христов и неговите колешки Билјана Трендафилова и Снежана Лупевска.

За разлика од сето ова, Селмани денеска со неверојатна брзина реагираше кога требаше да се одбрани Мухамед Зекири, кој ја цензурираше емисијата „Во Центар“ на Ефтов. Селмани не само што не го осуди ова, туку силно застана да го брани главниот фаворит на СДСМ за генерален директор на МРТВ, Мухамед Зекири, што само уште еднаш покажува под чија наредба Селмани се вклучува за да одбрани или нападне некого.