Првиот ден од платен паркинг во Штип помина со заработка од 18.000 денари

Првиот ден од воведувањето на платениот паркинг во Штип поминал без проблеми. И вработените на ЈП „Стипион 2011“ со рачните фискални апарати и луѓето од општината имале успешна соработка со граѓаните кои паркираат во централнотоградско подрачје. На некои им ја објаснувале новата процедура, на други им дообјаснувале а трети веќе знаеле и купувале тикети во продажниот пункт кај општината, пренесува порталот „1.мк“. Ефектот од воведувањето на платениот паркинг се околу 18.000 денари. Оваа сума не е за потценување, изјави Тони Јовев, директор на ЈП „Стипион 2011“:

– Мислам дека целата операција помина во најголем ред. Граѓаните покажаа кооперативност, и воедно ја разбираат процедурата за воведениот платен паркинг. Од овие 18.000 денари, 10.000 се од мобилните наплаќачи со фискални апарати а 8000 денари се остварени од продажниот пункт низ центарот на Штип.

Според Јовев, интересот за платен паркинг е голем, и во поглед на склучување на месечни или годишни договори:

– Имаме склучено околу 70-80 договори од кои најголем дел со граѓани кои имаат место на живеење на една од улиците во центарот на градот, „Васил Главинов“, „Маршал Тито“ и „Ванчо Прке“. Со нив се склучени договори до нова година, значи за следните четири месеци. Имаме интерес и кај правните лица, но и кај физички лица кои работата во правни лица со седиште на овие улици.

Јовев очекува и зголемување на наплатата, бидејќи ова е само почеток. Но, секако како што кажа, најголем ефект е растоварувањето на градскиот сообраќај, пред се во центарот на Штип. Со платениот паркинг, дел од возилата нема да се паркираат во центарот на градот, што значи дека намалувањето на возилата ќе овозможи подобар сообраќај и безбедност како и диференцирање на оние правни и физички лица кои имаат суштинска потреба за паркинг.