Првиот детски ургентен центар во Македонија почна со работа

Во целосно реновиран и комплетно опремен простор денеска во Скопје беше отворен првиот специјализиран детски ургентен центар во Македонија. За потребите на новата организациона единка сместена во Универзитетската клиника за детски болести беа изведени повеќе градежни реконструкции, објектот беше внатрешно преуреден, а беше обезбедена и најсовремената медицинска апаратура.

За потребите на новиот детски ургентен центар беше организирана кампањата „Да помогнеме навреме“ во чии рамки досега се собрани околу 50 илјади евра или нешто повеќе од три милиони денари. Во првиот сегмент од активностите е искористен мал дел од вкупните средства, односно за набавка на опрема се употребени донациите од германската, чешката и од холандската амбасада во Скопје. Остатокот од финансиите ќе биде вложен во доопремување на ургентниот центар, како и за некои од останатите оддели во детската клиника.

Специјализираниот ургентен центар за деца располага со четири главни и два дополнителни кревети. Опфаќа шест простории за специјалистички амбуланти, една лабораторија и чекална. Првичните анализи укажале дека низ оваа новоотворена единка на клиниката би минувале од 80 до 120 деца во период од 24 часа. Во едно деноноќие низ специјалистичките амбуланти ќе можат да минат околу 150 деца што ја истакнува подготвеноста на центарот за прием на поголема фреквенција на пациенти. Амбулантите ќе ги покријат областите: неонатологија, кардиологија, хемато-онкологија, ендокринологија, гастроентерохепатологија и нефрологија.

Статистиката на Детската клиника за 2012 година укажува на огромен број пациенти кои се прегледани и згрижени, вкупно околу 17.000, односно 45-50 пациенти дневно. Сепак, бројот на пациентите кои се згрижени на дневна основа варира зависно од периодот во годината и некогаш е драстично поголем, на пример во сезона на грип или други епидемии. Главен покровител на националната кампања за отворање на Ургентен центар на Универзитетската клиника за детски болести е г-ѓа Маја Иванова, сопруга на Претседателот на Република Македонија. Покрај Амбасадата на Кралството Холандија во Република Македонија, партнери на националната кампања се г-ѓа Мери Џ. Волерс, сопруга на амбасадорот на Соединетите американски држави во Република Македонија, г-дин Клеј Батемер од невладината организација ”Линк акрос” (LinkAcross) и маркетинг-агенцијата „Њу момент“ (New Moment).