Првиот министер на Шкотска поднесе оставка

Првиот министер на Шкотска и лидер на Шкотската национална партија (СНП), Алекс Салмонд попладнево поднесе оставка на својата функција.

Оставката прво ја соопшти неговата партија, затоа што тој се повлекува и од функцијата лидер на СНП, а потоа ја потврди и тој самиот на прес-конференција.

Соопштувајќи го заминувањето од врвот на шкотската политика, Салмонд рече дека оставката ја поднесува поради поразот на референдумот за независност. Тој рече дека по заминувањето од двете функции, ќе остане во политиката само како член на шкотскиот Парламент.

Салмонд кој продолжува да верува во независноста изјави дека и покрај вчерашниот пораз на сепаратистите и националистите „сонот за независна Шкотска продолжува да живее“.

Доскорешниот прв министер, кој е во два мандата на таа функција, изрази стравување дека Шкотланѓаните може да не го добијат она што трите големи британски партии им го понудија со зголемување на деволуцијата.

Оставката на Салмонд не претставува големо изненадување, затоа што функционери на СНП уште од порано најавија дека доколку не ја добие битката со унионистите за независност ќе мора да поднесе оставка.

Изборот на негов наследник треба да биде извршен во следните два месеци.

Во мај идната година во Велика Британија ќе се одржат парламентарни избори, а во Шкотска ќе се гласа и за покраинскиот парламент. Тогаш ќе се види дали поразот на референдумот оставил трага врз позициите на СНП кај шкотските гласачи.