Прв случај на пренесување зика преку полов однос во Канада

Заразеното лице е жител на државата Онтарио, а вирусот му бил пренесен во Канада, преку полов однос со лице што се заразило при патување во една од земјите зафатени од епидемијата на зика, соопштија канадските служби.

Вирусот зика, кој се поврзува со голем број случаи на микроцефалија во Бразил, многу брзо се шири низ земјите од Јужна Америка и Карибите.

Комарците што го пренесуваат вирусот се прошириле и во 30 американски сојузни држави, а во Порто Рико би можело да има повеќе стотици илјади заразени, објавија во април претставници на здравствените служби на САД.

Откако во февруари беше потврден првиот случај на зараза кај лице од континенталниот дел на САД кое не патувало во краиштата зафатени од вирусот, американскиот Центар за контрола на зарази (ЦДЦ) соопшти дека ги истражува новите извештаи за можното пренесување на вирусот зика преку секс.

ЦДЦ ги советуваше мажите кои патуваат во региони во кои е активен вирусот да употребуваат кондоми.

Сѐ уште нема докази дека жените можат да им го пренесуваат вирусот зија на своите сексуални партнери, но потребно е да се направат дополнителни истражувања за да се сфати големината на проблемот, соопшти американската здравствена организација.