Првите земји ја дочекаа 2018-та, прославите во светот со засилени безбедносни мерки

Жителите на јужнопацифичките острови Самои, Тонга и Кирибати во 11 часот по средноевропско време зачекорија во 2018 година, а набрзо по нив на пладне по средноевропско време и Нов Зеланд со огномет над престолнината Окленд од кулата Скај висока 200 метри.

Во 2018 година последни, пак, ќе влезат жителите на Француска Полинезија и Американска Самоа, цел ден после Самоа, иако ги делат само 80 километри.

Во 13 часот во 2018-та ќе влезат и некои области од Русија, а потоа во 14 часот и Австралија каде ќе може да се ужива во спектакуларен огномет во пристаништето над зградата на операта и мостот во Сиднеј.

Илјадници луѓе веќе во претпладневните часови започнаа да ги заземаат најдобрите места во пристаништето во Сиднеј за да го проследат еден од најубавите новогодишни огномет во светот. Оваа година се очекуваат повеќе од 1,6 милиони посетители кои ќе уживаат во 15-минутиот спектакл, вообичаено првата слика на пречекот на Новата година која го обиколува светот.

Но ширум светот Новата година се дочекува со засилени безбедносни мерки.

Во Сиднеј препреки го оневозможуваат пристапот до пристаништето за да се спречат евентуалните напаѓачи со возилата да се залетаат во толпите, а специјалните полициски сили се опремени со полуавтоматско оружје. Властите не располагаат со никакви информации коишто би упатувале на можен терористички напад.

Ширум Европа ќе бидат воведени силни безбедносни мерки во пресрет на прославите на Новата година, така што оние коишто мислат да ја испратат старата година на улиците на европските престолнини може да очекуваат прегледување на торбите и други проверки за да се избегне можен терористички напад.

Во Париз на улиците се испратени речиси 8.000 полициски офицери и војници за француската престолнина да биде безбедна во текот на новогодишната ноќ. Целта на мерките не е само да се спречат можни терористички напади, туку и безредија. Француската полиција особено внимание ќе посвети на безбедноста на Елисејските полиња, каде што е на сила забраната за точење и консумација алкохол, а ќе се поставуваат и бетонски препреки за да се спречи влегување на возила. Исто така, ќе бидат прегледувани торбите на сите коишто имаат намера таму да ја дочекаат Новата година.

 

Северниот германски град Хамбург неодамна постави нови безбедносни камери кои ѝ овозможуваат на полицијата брезо да реагира доколку има потреба.

Лондонската полиција објави дека жителите и туристите може да очекуваат вооружени полицајци и препреки за возилата во центарот на градот.

Турција, присетувајќи се на изминатата трагична новогодишна прослава кога вооружен напаѓач во истанбулска дискотека уби 39 луѓе и рани уште 79, ја дочекува 2018-та со засилени безбедносни мерки и забрана за собири на познатиот плоштад Таксим.
Дубаи наместо традиционалниот огномет, ќе организира ласерско шоу од највисоката зграда во светот Бурџ Калифа висока 828 метри.

И покрај безбедносните предизвици, бразилската метропола Рио де Жанеиро се надева на рекорден број од три милиона луѓе на славната плажа Копокабана и повеќето би требало традиционално да бидат облечени во бело.

Источниот брег на САД, исто така, Новата година ќе ја пречека со силни безбедносни мерки, но и со поларен студ. Се очекува дека во Њујорк температурата ќе биде десетина степени Целзиусови под нулата, но и покрај тоа не е откажано традиционално спуштање на големата топка во полноќ на Тајмс Сквер.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.