Свет

ВИДЕО: Прво јавно појавување на Сноуден: Би го сторил тоа пак

ВИДЕО: Прво јавно појавување на Сноуден: Би го сторил тоа пак

Едвард Сноуден, човекот кој на светот му откри како американската Агенција за национална безбедност (НСА) собира податоци за милиони луѓе и дури прислушкува телефонски разговори на светски лидери, во понеделникот преку видео линк од Русија зборувал пред повеќе од 3.500 луѓе на ИТ конференција во Остин, во американската сојузна држава Тексас.

Британски „Гардијан“ пишува дека Сноуден во обраќањето рекол дека неговите акции ја подобриле националната безбедност на САД, а не дека ја поткопале, и истакнал дека повторно би го сторил тоа и покрај личната жртва што ја направил.

Сноуден ги демантирал тврдењата дека неговите документи во врска со НСА дошле до рацете на разузнавачките служби на Русија и Кина.

„Тоа никогаш не се случило и никогаш нема да се случи. Ако одеднаш кинеската влада дознае за тоа што го прави НСА, веднаш би ја забележале разликата“, вели Сноуден, забележувајќи дека САД се длабоко инфилтрирани и во Русија и во Кина.

Триесетгодишниот Сноуден вели дека поради масовното прибирање на комуникациски податоци НСА прави превид на важните информации како оние поврзани со Тамерлан Царнаев, бомбашот од бостонскиот маратон.

„Се мониторираат сечии комуникации наместо оние на осомничените“, вели Сноуден додавајќи „ако не трошевме толку време на масовно набљудување, ако ги следевме традиционалните шеми, можеби ќе го фатевме“.

На крајот од интервјуот, пишува „Гардијан“, Сноуден бил поздравен со стоечки овации на што тој се насмеал и изгледал засрамено.