Психијатриските болници во Грција преполни

Драстичните промени во секојдневниот живот на Грците во текот на последните години имаат сериозни последици врз состојбата со менталното здравје во земјата, објави МИА.

Психијатриските болници во цела Грција се полни со пациенти со нарушена ментална состојба, додека Психијатриската болница во Атика, месечно прима по околу 200 нови пациенти.

Бројот на пациенти го надминува капацитетот на болницата за 30 проценти. Пациентите се сместени дури и по ходници. Од 2010 година многу е зголемен бројот и на пациенти кои по налог се во психијатриски установи. Во моментов, речиси 55 проценти од пациентите се примени во болница против своја волја, со интервенција на полицијата или на обвинителство.

Лекарите го поврзуваат драстичното зголемување на пациентите со финансиската криза. Пациенти кои се примени во овие институции се главно невработени, банкротирани бизнисмени или родители кои немаат средства да се грижат и да ги хранат децата.

Повеќето од нив се над 40-годишна возраст и никогаш претходно не манифестирале знаци на ментална болест. Згора на тоа, стотици бездомници исто така завршуваат во психијатриските болници со тешки ментални заболувања. Тие обично остануваат во болница кусо време и потоа се враќаат на улица без никаква медицинска нега.