ПССЕ: Политичките и етничките поделби им штетат на евроатлантските интеграции

Комисијата за следење на обврските на земјите членки е загрижена со одлуката на неодамна избраните членови на парламентот од главната опозициска партија СДСМ да не ги прифатат нивните мандати и да не го признае легитимитетот на претседателот избран на 27 април годинава. Комисијата воедно жали што ДУИ одлучи да ги бојкотира претседателските избори. Ова се вели во официјалната декларација на Парламентарното собрание на Советот на Европа – ПССЕ, што денеска беше усвоена во Париз.

Во декларацијата се посочува дека аспирациите на Македонскиот народ за продолжување на евроатлантските интеграции не треба да бидат оштетени, преку политичките и етничките поделби, како и со прекинот во ефективното функционирање на демократскиот Парламент.

„Целта на критиките на изборите од страна на меѓународните набљудувачи не е да ја негира валидноста на резултатот. Затоа, Комисијата ги повикува сите политички партии да работат заедно, за да се надминат разликите и да учествуваат во ефективен демократски Парламент“, се истакнува во декларацијата.

Комисијата  повторува дека Советот на Европа стои на располагање да им помогне на македонските власти да го изменат, во согласност со препораките на Венецијанската комисија, Изборниот законик и законите со кои треба строго да се регулира употребата на јавните средства во текот на изборните кампањи. Парламентот, исто така, треба да ги утврди  неопходните заштитни мерки за поделба на партијата и државата и непристрасно покривање на изборните кампањи од страна на медиумите.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.