ПСЖ го растури Баерн, а Базел Бенфика

Во мечот на вечерта во Лигата на шампионите во второто коло од групата Б, Пари Сен Жермен во Париз го Совлада Баерн со 3:0, додека во групата А Базел неочекувано ја „сомеле“ Бенфика со 5:0.

ПСЖ со победата над Баерн потврди дека сезонава ќе биде еден од главниот кандидати за титулата во фудбалската Лига на шампионите. Баварците беа уништени од одличното напаѓачко трио Нејмар – Кавани – М’бапе. Откако Дани Алвеш веќе по 90 секунди ги доведе во водство домашните по проигрувањето на сонародникот Нејмар, Единсон Кавани беше прецизен во 31 минута а Нејмар во 63 минуа, и двајца по проигрувањата од Килијан М’бапе.

За Баерн ова беше четвртото гостување во Париз и четврти пораз со гол-разлика 1:9.

ПСЖ на најдобар начин го отвори мечот, кога во втората минута Нејмар мина тројца одбранбени играчи на Баерн по левата страна, се упати кон средината и го послужи Алвеш, кој погоди низ нозете на Свен Улрих кој на голот го замени Ноер. Баварците по примениот гол имаа повеќе од играта, три убави шанси за изедначување, и дури осум удари од корнер. Во 12 минута лошо реагираше Томас Милер, а во 19 минута Алфонс Ареола одлично го запре ударот на Хави Мартинез, а во 22 минута слаб шут на домашниот гол упати Роберт Левандовски.

Затоа казната стаса во 31 минута по секавичната контра што ја реализираше Кавани со одличен удар од казнениот простор. Сите дилеми ги реши Нејмар во 63 минута.

Во вториот меч од оваа група Селтик кој во првото коло беше високо (0:5) поразен дома од ПСЖ, во Брисел со 3:0 го совлада Андерлехт, остварувајќи ја првата победа на последните 17 гостувања во европските натпреварувања.

Селтик поведе во 38 минута со голот на Лејг Фрифитс, а на 2:0 зголеми Серињ М’боџи во 48 минута свртувајќи ја топката во својата мрежа по шутот на Патрик Робертс. Конечниот резултат го постави Синклер во 90 минута.

На табелата води ПСЖ со шест бодови, Баерн и Селтик имаат по три, а последен е Андерлехт без бодови.

Во групата Д далеку потешко отколку што се очекуваше до очекуваните победи дојдоа фаворитите Барселона и Јувентус.

Јувентус во Торино долго се мачеше со Олимпијакос, чијашто одбрана беше пробиена дури во 69 минута од Гонзало Игуаин. Победата на европскиот вицешампион го потврди асистентот на првиот погодок, Марио Манџукиќ, кој натрча на одбиената топка од гол линијата на Грците, откако претходно шутираше Паоло Дибала. За „Старата дама“ ова беше 20-ти меч по ред без пораз на својот терен во Лигата на шампионите.

Во вториот натпревар во истата група Барселона во Лисабон го совлада Спортинг со 1:0, а пресуди автоголот на Коатеш во 49 минута и покрај доминацијата на Каталонците. Луиз Суарез шутираше со глава, но домашниот стопер ја сврти топката во сопствената мрежа.

На табелата води Барселона со шест бодови, Јувентус и Спортинг имаат по три бода, а Олимпијакос е без бодови.

Ви групата А Манчестер Јунајтед дојде до новите три бода победувајќи ја ЦСКА во Москва со 4:1. Мечот беше решен по првото полувреме во кој „црвените ѓаволи“ постигна три гола преку Ромел Лукако во 4 и 27 минута, а Антони Мартиал реализираше пенал во 19 минута. Во продолжувањето во 57 минута гол постигна Херник Мхитарјна, а во последната минута поразот на домашните го ублажи Кучаев.

Јунајтед досега не загубил меч кој го одиграл во Москва, а играл осум пати. Покрај тоа, во Москва и ја освои Лигата на шампионите во 2008 година.

Базел во вториот меч од групата ја декласираше Бенфика со 5:0. Домашните рано дојдоа во водство, во втората минута преку Михаел Ланг а во 20 минута зголеми Димитри Оберлин. Победата Базел ја обезбеди во 60 минута кога погоди Рики дан Волфсвинкел од пенал. Во 69 минута својот втор гол го постигна Оберлин, а во 77 минута стрелец беше и Риверос. Бездруго најтешкиот пораз на Бенфика во европските купови го дополни и Андре Алмеида кој во 63 минута беше исклучен поради остар прекршок.

Во групата води Манчестер Јунајтед со шест бодови, Базел и ЦСКА сега имаат по три бода, а Бенфика е последна без бодови.

Во групата Ц Челзи во Мадрид славеше против Атлетико со 2:1, иако домашните водеа на полувремето. Ова е првиот пораз на Атлетико во Мадрид во Лигата на шампионите во последните 11 натпревари, и прв домашен пораз од екипа од Англија во 12 мечеви.

Антоан Гризман ги доведе домашните во водство од пенал во 40 минута. Изедначи Алваро Мората во 60 минута, а Челзи славеше со голот на Батшуаји во четвртата минута од судиското продолжение.

Во претходно одиграниот меч од оваа група Рома во Баку го совлада Карабаг со 2:1, остварувајќи ја првата победа во групата. Воедно тоа беше прва победа на римската „волчица“ во последните осум натпревари од Лигата на шампионите, како и прва гостинска победа од ноември 2010 година кога римјаните го совладаа Базел со 3:2.

Сите три гола паднаа во првото полувреме. Рома веќе по 15 минута водеше со 2:0 со головите на Костас Манолас во 7 и Един Џеко во 15 минута. Шампионот на Азербејџан намали во 28 минута со голот на Педро Енрике. Домаќините во продолжението се обидуваа да изедначат, а во 89 минута приликата за тоа ја пропушти Дани Квинтана.

На табелата води Челзи со шест бодови, Рома има четири, Атлетико Мадид еден а Карабаг е без бодови.