Публикација за градбите во Скопје од „Трето уво“

Продуцентската куќа „Трето уво“ објави публикација „101 Објект во Скопје“ – монографија за највпечатливите градби во главниот град – од старо Скопје до најнови објекти. Изданието е луксузно печатено, има 220 страници со  фотографии и текст на македонски и на англиски јазик. Во состав на книгата е и ДВД во кое градбите се прикажани снимени од воздух со дрон.

Градбите се поделени во категориите: Национални институции, Музеи, Административни објекти, Комерцијални објекти, Старо Скопје, Религиски објекти, Станбени згради, Спортски објекти, Образовни институции, Комплекси и Катни гаражи.

На денешната промоција Иво Јанковски од „Трето уво“ рече дека книгата е создадена по примерот на слични книги за зградите во големите метрополи, како Њујорк, Токио, Лондон, Париз, а  бројот 101 е симболично избран број зашто Македонците, го користат во секојдневниот говор со значење на долговечност и бесмртност. Публикацијата ги презентира познатите згради, но и многу нови објекти.

Скопје е еден од ретките, а можеби и единствен град каде неговите жители не се ориентирани по имињата на улиците, како што е вообичаено во цел свет, туку по популарните згради во него. За секоја зграда покрај фотографија има податоци за архитектот и годината кога била пуштена во употреба. Нема амбиција да биде архитектонски алманах или водич низ Скопје. Единствена цел е да се направи пресек на естетиката на Скопје преку неговите згради, систематизирани во неколку категории. Иако е наменета, во прв ред, за странски посетители, таа во исто време ја збогатува и сопствената свест за градот во кој живееме но, за жал, не забележуваме колку забрзано се менува, рече Јанковски.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска посочи дека читателот со ова издание добива можност да проникне во формите и творечката оригиналност на архитектонските дела кои, како што рече, говорат за градителската традиција уште од 4 век од нашата ера. Според неа,  целокупната приказна за архитектонското богатство на Скопје во книгата е заокружена со капиталните објекти кои, рече таа, му недостасуваа на нашиот град  и кои се изградија во изминатите пет години.

Публикацијата „101 Објект во Скопје“ е своевиден времеплов кој не подучува дека нашето Скопје е град со традиција, особеност, град со автентичен дух и со сопствен архитектонски израз, град со идентитет. Таа е вреден артефакт за сите нас, но и репрезентативен подарок за секој посетител кој сака да ја посети престолнината на современата македонска држава и да се запознае со нејзината вековна историја, рече министерката за култура.

Публикацијата, во чие создавање биле вклучени триесетина креативци, ќе биде во продажба во книжарниците низ Македонија. 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.