Пучдемон го повика Рахој да ја прифати победата на партиите кои бараат независност на Каталонија

Отстранетиот каталонски претседател Карлес Пучдемон во саботата во својата новогодишна порака се заложи официјален Мадрид да ги признае резултатите од предвремените избори на 21-ви декември кои ги распиша во источната покраина Каталонија, а да ја обнови каталонската влада којашто ја суспендираше откако регионалниот парламент изгласа независност.

„Како претседател, барам од шпанската влада и оние коишто ја поддржуваат (…) да ги врати сите оние коишто ги смени без одобрување на Каталонците“, изјави Карлес Пучдемон во говорот снимен во Брисел каде што се засолни за да го избегне апсењето под обвиненија дека го организирал референдумот за независност на Каталонија што го забрани шпанскиот Уставен суд, за поттикнување непослушност, трошење јавни пари на покраината за организирање на референдумот и повикување на бунт. Доколку се врати во Шпанија, ќе биде притворен според налогот за негово апсење, како и за неколкуте членови од неговата поранешна влада кои го придружуваат во Белгија.

Во пораката Пучдемон оценува дека Каталонците се „демократски зрел народ кој го стекнал правото да воспостави Република на слободни мажи и жени“. Во пораката не наведува дали има намера повторно да прогласи независност од Шпанија.

„Изборите се одржани (…) Што чека господин Рахој за да ги признае резултатите?“, запраша Пучдемон обраќајќи му се на шпанскиот премиер Маријано Рахој.

Рахој во петокот повика на формирање на каталонскиот парламент до 17-ти јануари, што ќе биде првиот чекор кон формирањето на покраинската влада откако Мадрид ја распушти претходната поради прогласувањето на независноста и ја суспендираше автономијата на Каталонија. Изрази надеж дека „каталонската влада ќе биде отворена за дијалог и способна да ги претставува сите Каталонци, не само половината од нив“.

На вонредните парламентарни избори од 21-ви декември партиите кои се залагаат за независност настапија засебно, а нивните лидери не учествуваа во кампањата поради тоа што се во притвор покрај Мадрид или во егзил како Пучдемон. Сепак освоија 70 од 135 места во парламентот што им е доволно да формираат владејачка коалиција.

Пречки им прави токму судската постапка за каталонските челници поради нивната улога во движењето за независности. Рахој оцени дека е „апсурдно“ Пучдемон да сака да ја води Каталонија од Белгија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.