Пучдемон ѝ се предаде на полицијата

Отстранетиот каталонски претседател Карлес Пучдемон и уште четворица министри од владата на Каталонија којашто ја распушти шпанската влада по прогласувањето на независноста на оваа покраина ѝ се предале на белгиската полиција и одреден им е 24-часовен притвор, објави во неделата портпаролот на федералното обвинителство на Белгија.

„Сите петмина барани лица утрово се јавија во полицијата. Тие се притворени“, изјавил портпаролот на белгиското федерално обвинителство за новинарите.

Според него, Пучдемон и другите членови на каталонската влада дошле доброволно во придружба на нивните адвокати. Претставникот на обвинителството додал дека максималниот рок за кој може да им се одреди притвор е 24 часа.

Судија од Националниот суд на Шпанија во четвртокот издаде налог за апсење на Пучдемон и другите поранешни министри во каталонската влада, кои се наоѓаат во Брисел. Беше објавена национална и меѓународна потерница по нив која беше предадена до белгиското обвинителство.

Тие се обвинети за организирање бунт, проневера на јавно средства, злоупотреба на службената положба и овластувањата и непослушност кон властите, за што им се заканува казна затвор до 30 години.

Пучдемон тврди дека тој не се обидува да побегне пред правосудството, туку дека во белгиската и европската престолнина да ја појасни желбата на Каталонците за независност. Неговиот адвокатски тим веќе ги карактеризираше обвиненијата како политички мотивирани и неосновани.

Десет од екс министрите во кабинетот на каталонската влада се во затвор, а еден е пуштен со кауција да се брани од слобода.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.