Пучистите подготвиле и обвинение, еве за што ќе одговараше Ердоган ако успееше ударот

Пучистите што го организираа воениот преврат во Турција планирале да го обвинат претседателот Реџеп Тајип Ердоган и неговиот близок круг соработници за поддржување на тероризмот преку преговорите со курдската ПКК, објавуваат турксите медиуми повикувајќи се на документите што ги открила полицијата.

Пронајдена е и петиција за да се покрене судска постапка против турската влада и тоа во канцеларијата на државниот обвинител Мехмед Села во Истанбул, кој беше приведен по пропаднатиот пуч.

Да успееше воениот преврат, пучистите планирале да покренат истрага врз основа на тезата дека Ердоган и неговите соработници „сториле злосторство преку помагање на вооружена терористичка организација и така што ги игнорирале терористичките подготовки за напад“, откри извор од турското обвинителство во разговор за агенцијата „Анадолија“.

Пронајдената петиција не била потпишана но е со датум од 2016-тата година и во неа стои дека Ердоган и останатите треба да бидат изведени пред лицето на правдата поради „процесот на решавање“ на курдското прашање што во Турција трае со децении.

Документот е адресиран до Канцеларијата на главниот државен обвинител во Инегола во Бурса. Турските власти де обвинети за „поддршка“ на Курдската работничка партија (ПКК) што во Турција се смета за терористичка организација.