Пукна евровизискиот срам во Македонија, уапсени местачи на телевоутингот

Доцна синоќа по завршувањето на Скопскиот фестивал, Министерството за внатрешни работи уапсило повеќе од 10-тина лица, меѓу кои и познати јавни личности за местење на телевоутингот на манифестацијата на која се избира македонскиот претставник на Евровизија, дознава НетПрес.

Кај приведените, кои биле на повеќе локации во кафулиња и ресторани, биле пронајдени повеќе од 1.000 телефонски картици.

Оваа година, за гласањето од еден телефонски број можеше да се гласа само еднаш, што не беше практика во минатото.

Осомничените се приведени за организирана измама и сеуште се наоѓаат во полициските станици на распит.

Меѓу 10-те приведени се и познати личности од јавниот живот, како и малолетници.

За победник на синоќешниот Скопски фестивал беше прогласен Даниел Кајмакоски, второто место го освои Тамара Тодевска, а додека пак трета беше Еги.