Пунктовите за помош не се затворени

Од независната иницијатива за помош на граѓаните од поплавените подрачја ја демантираат веста дека пунктовите за помош се затворени.

Од граѓанската иницијатива известуваат дека веста за затварањето на пунктовите за помош не е точна и дека ниту еден пункт не е затворен, ниту ќе биден затворен. Се апелира до Црвениот крст да не пласира вакви невистини, коишто најмалку се потребни во ваков период.

Сите пунктови коишто се организирани на социјалните мрежи функционираат со целосна посветеност на волотерите, секој добиен продукт се маркира со ознака “H” и се носи секаде каде што е потребно , се вели во демантот на волонтерите кои самоиницијативно собираат помош за настраданите во невремето во Скопје.

„Ги повикуваме граѓаните и натаму да донираат, секој на оној пункт којшто е во негова близина, бидејќи од час на час, потребите на населението се се’ поголеми. Истовремено ги повикуваме сите коишто се подготвени да волонтираат и да се уверат во чесноста, пожртвуваноста и алтруизмот на секој од волонтерите на пунктовите, да се вклучат во работата на самите пунктови и ќе се уверат со колкаво човекољубие се пристапува кон секој случај“, стои во соопштението.