Македонија

„Пушкинови денови“ во општина Кисела Вода

„Пушкинови денови“ во општина Кисела Вода

Со свечена и богата културно-уметничка програма, општина Кисела Вода ги одбележа Светскиот ден на рускиот јазик и литература и 216-те години од раѓањето на големиот руски и светски поет Александар Сергеевич Пушкин.

„Пушкиновите денови“ кои локалната самоуправа традиционално ги организира по седми пати, и овој пат, на исто место, во паркот Пушкин, собраа голем број на почитувачи на рускиот пишан збор, на руската литературна мисла, дух, народ…

Пред бистата на Пушкин, свежо цвеќе поставија претставници од општина Кисела Вода и делегација од Амбасадата на Руската федерација, предводена од Станислав Лупин, аташе на Амбасадата на Руската федерација во Р.Македонија.

Во своето обраќање, тој ја потенцираше долгогодишната добра соработка помеѓу општина Кисела Вода и Амбасадата на Руската федерација, додавајќи дека се надева дека истата ќе продолжи и ќе се продлабочи, не само на полето на културата, туку и во многу други области.

Раководителот на Одделението за култура при општина Кисела Вода, Светлана Аџигогова го нагласи позитивно влијание на руското богато културно наследство врз светската културна ризница врз сите правци во уметноста и културата низ историјата на човештвото, истакнувајќи го, меѓу плејадата на светски познати имиња на руски уметници, музичари, научници, писатели и поети, најголемиот руски романтичарски поет, основачот на модерната руска литература Александар Сергеевич Пушкин.

Одбележувањето на 216 години од неговото раѓање продолжи со богата програма која опфати музички изведби на виолина, пијано и вокал, руска поезија интерпретирана од ученици од асоцијацијата „Озарение“, но и студентите од филолошкиот факултет „Блаже Конески“, сплетови игри од  ансамблот „Чајка“ и ансамблот „Славјанка“, простор им беше даден и на најмладите кои изведоа сплет на руски игри, а македонските народни игри на сцена ги донесе КУД „Китка“ од Драчево.

Бројната публика, во која, освен официјалните претставници од Амбасадата на Руската федерација во Р. Македонија, претставници на Руската Дијаспора, претставници на општина Кисела Вода, се најдоа и многу жители на оваа општина, имаше можност навистина да ужива во одбележувањето на уште еден роденден на Александар Сергеевич Пушкин, во уште еден роденден на рускиот јазик.