Пуштен во употреба локалниот пат Ерџелија – Мустафино

Локалниот пат село Ерџелија – село  Мустафино, во општина Свети Николе денеска беше официјално пуштен во употреба. На настанот присуствувашепремиерот Никола Груевски кој посочи дека веќе е надминат долгогодишниот  проблем на жителите  во овој крај.

„Сега имаме сосема нов пат кој ќе овозможи подобра комуникација со градот, помалку време за патување, подобар пристап до земјоделските земјишта и секако помали можности за уништување на возилата. Она што ние го ветивме денес е остварено“, рече Груевски.

Во интерес на општина Свети Николе покрај овој проект, како што посочи, комплетно е реконструиран патот Црнилиште – Сарамзалино, направен е патот Ерџелија – Кадрифаково, се прошири и реконструира патот Свети Николе – Немањици, а е направена и делницата Мечкуевци – Куково со која првпат Свети Николе и Пробиштип асфалтно се поврзаа по целата должина на патот. Во наредниот период, најави тој, се планира и изградба на патот до Ерџелија, а она што е исто така битно за општина Свети Николе, подвлече, е хидросистемот „Злетовица“ на кој повеќе години се работи и од каде што оваа општина беше првата која започна да користи вода за пиење.

„Добрата поврзаност и патиштата кои ги градиме ќе бидат од огромно значење и за странските инвеститори да го одберат овој регион како место каде што ќе ги градат своите фабрики, рече премиерот и додаде дека по изградбата на автопатот очекува интересот за инвестиции во Свети Николе, Штип, Кочани и целиот овој регион да биде уште поголем. Има уште многу што да се направи“, потенцира Груевски, но сето ова јасно говори за нивните напори и силно темпо на работа да обезбедат развој и прогрес во сите полиња од интерес на граѓаните.

Инаку, во Свети Николе досега се реконструирани и рехабилитирани четири локални патишта во вредност од 30 милиони денари, а оваа година треба да се отпочне со реконструкција на локалниот пат од село Амзибегово до село Црнилиште, во должина од 2,5 километри.