Пуштен во употреба првиот индустриски објект во зоната Ќојлија

Првиот готов објект во индустриската зона Ќојлија во општина Петровец денеска беше пуштен во употреба. Се работи за логистички центар со површина од 3.500 метри квадратни на компанијата „Глобко логистик“ која се занимава со поштенски услуги, во кој се вработени нови 40 лица.

–  Досега во зоната се продадени 75 локации, а од нив 27 веќе имаат извадено одобрение за градење. Дел од нив се во подгответелна фаза, а дел најавуваат почеток на градба во март идната година. Очекувам за четири до пет години ова да биде огромна индустриска зона во која илјадници луѓе ќе го најдат своето работно место, рече министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески на отворањето на објектот.

Тој посочи дека очекува инвеститорите на објектот што поскоро да започнат со најавената реализација на втората и третата фаза од нивниот објект.

– Се надевам дека во наредниот период многу често ќе присуствуваме на почеток на градба и пуштање во употреба на објекти во оваа зона. Апелирам до сите градоначалници во Македонија каде нема индустриски зони час поскоро тоа да го направат и да продадат локации за индустриски објекти, бидејќи на тој начин ќе ја намалат невработеноста во нивната општина, истакна Јанакиески.

Индустриската зона се прогега на површина од 195 хектари, а наскоро се планира да се прошири на уште 28 хектари. Лоцирана е на влезот на аеродромот „Александар Велики“ во непосредна близина на автопатот Е-75 и на железничката пруга.

Токму тоа, според градоначалникот на општина Петровец Борче Митевски, заедно со ниската цена на комуналиите од само 34 евроценти по метар квадратен и ниската почетна продажна цена на градежното земјиште се главните причини за големата заинтересираност за локациите во зоната.

– Општината со помош од Министерството за транспорт и врски ги обезбедува градежната дозвола, водоводот и инфраструктурата. Трудот што го вложивме во изминатите три-четири години почна да излегува на виделина со пуштањето во употреба на објектот на Глобко логистик. Во негова непосредна близина започнаа подготвителните работи за изградба на хала од 8.000 метри квадратни, а издадено е и одобрение на турски држвајанин за изградба на хотел на самиот влез на Аеродромот од 24.000 метри квадратни, Тинекс ќе гради хала од 12.000 метри квадратни,… рече Митевски.

Инвеститор на објектот на Глобко логистик, што се изгради за нецели девет месеци и што чинеше речиси два милиона евра, е фирмата Глобекс, која има дозвола за изградба на уште еден објект од 3,500 метри квадратни во зоната Ќојлија.

– Веруваме дека тој објект ќе се изгради во текот на 2015 година, а до крајот на 2017 година очекуваме да се изградат хали со вкупна површина до 15.000 метри квадратни на нашата локација во зоната која има површина од 22.000 метри квадратни, рече Снежана Кокраволчевска, сопственикот на Глобекс и Глобко логистик

Таа посочи дека во компанијата во овој момент работат 200 работници во сите 18 подружници низ Македонија. Покрај логистичкиот центар во Петровец комкпанијата има неколку подружници на повеќе локации  во Скопје, како и во Тетово, Гостивар, Кичево, Охрид, Битола, Прилеп, Штип и Кочани.

– Очекувам уште да се шириме за да можеме да се прошириме и за меѓународен транспорт за брз пратка, исткна Кокраволчевска.