Пуштен во употреба водоснабдителен систем до езерото Младост

Денеска во Велес е пуштен во употреба водоснабдителен систем до езерето „Младост“.

Преку водоснабдителниот систем со исправна вода за пиење од Градскиот водовод ќе се снабдуваат повеќе населени места и населбите околу езерото.

Проектот вреди 42 милиони денари кои се обезбедени преку Светска банка и се реализира со поддршка на Министерството за финансии.

На свеченоста вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставревски, истакна дека новиот систем заедно со проектот за јавно осветлување со енергетски ефикасни светилки во Велес чинат над милион евра обезбедени од Светска банка, со подршка од Министерството за финансии.

Со проектот за поврзување на езерото „Младост“ со градот Велес и сите населени места што гравитираат во ова подрачје, за околу 3-4 илјади граѓани се обезбедува чиста вода за пиење.

-Се овозможува да се искористи економскиот потенцијал на езерото „Младост“ односно целото крајезерско подрачје да биде атрактивно за изградба на викенд населба и користење на инфраструктурните содржини за рекреација и слично. Со тоа целиот потенцијал на езерото „Младост“ ќе биде максимално искористен, потенцирал Ставревски.

Проектот за осветлување на Велес со замена на старите неефикасни со нови енергетски ефикасни светилки ќе овозможи заштеди за општината и поголема безбедност за граѓаните.

– Како и секогаш кога општината има добри проекти, Владата е тука да поддржи и во овој случај со над милион евра преку Светската банка ги поддржавме овие проекти на општина Велес. Јас сум задоволен што општина Велес заедно со изведувачите максимално ефикасно со највисоки стандарди го минаа тестот на Светската банка и се реализираа двата проекти. Со ова му честитам на градоначалникот, на советниците и на сите кои ја дадоа поддршката за овие проекти и секако на граѓаните кои што ќе ги користта придобивките од овие проекти, подвлече Ставрески.

Новата пуштена водоводна линија во должина од 9 километри ќе го спојува Велес со езерото „Младост“.

-Ние со овој проект ќе обезбедиме водоснабдување за неколку населени места почнувајќи од индустриската зона „Речани“, потоа потегот кај Башино Село, туристичката населба кај езерото „Младост“, село Новачани и населбата Отовица. Сите проекти за приклучување на водоводната линија се готови и некаде во април идната година ќе биде првото приклучување за населбата Отовица, најавил градоначалникот Славчо Чадиев.

Цевководот за езерото „Младост“ кој го работеше фирмата „Вардар градба“, истакна Чадиев, ќе продолжи и до населените места Сујаклари, Кумарино и Мамутчево.

Според него, веќе се враќаат вложените пари во проектот за јавното осветлување со енергетски ефикасни светилки за кој се одвоени 20 милиони денари. Тој проект го изведе фирмата „Свим Инжинеринг“.