Македонија

Пуштена во употреба нова детска градинка во Ѓорче

Пуштена во употреба нова детска градинка во Ѓорче

Нова детска градинка денеска беше пуштена во употреба во скопската населба Ѓорче Петров.

Во своето обраќање пред присутните министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов рече дека градинката е реализација на проект кој е предизборно ветување на Владата на Република Македонија и за него министерството одвоило околу четири милиони денари.

– Владата на Република Македонија е насочена кон создавање на нови капацитети, нови детски градинки во сите општини во Македонија, а особено во руралните делови од државата. Со особен фокус сме насочени во општините во градот Скопје каде што побарувачката е многу поголема, каде родителите имаа желба да ги сместат своите деца во градинките а нема доволно капацитети и токму поради тоа ќе бидеме насочени кон создавање на нови објекти, истакна Спасов.

Тој најави отворање нов објект во општината, односно во населбата Волково за кој, подвлече, се уште се во прегорвори со сопствениците на објектот и дека многу лесно и брзо ќе се преадатптира во градинка.

Градоначалникот Сокол Митровски потсети дека општината заедно со Министерството за труд и социјална политика досега имаат реализирано повеќе вакви проекти, како што се градинката во населбата „Даме Груев“ со капацитет за 300 деца, како и други проширувања на градинки како клонови на постоечките.

– Денеска од еден руиниран објект, направивме градинка која е за респект и почитување со сите стандарди. Тоа што го нуди градинката претставува една од најмодерните и нјасовремените градинки во општината Ѓорче Петров, рече Митровски.

Во градинката која е со капацитет за 50 деца, има две занимални, просторија за негувателки како и кујна. Дворот е опремен со различни едукативни реквизити за деца од предучилишна возраст.