Пуштена во употреба новата спортска сала во ОУ„Пере Тошев“ во Росоман

Во состав на ОУ „Пере Тошев“ во општина Росоман денеска беше пуштена во употреба првата училишна спортска сала. Објектот е комплетно опремен со спортски реквизити и располага со гардероби, туш кабини, санитарни јазли, простории за сместување на спортските реквизити и посебни простории за наставници по спорт и спортски активности, пренесе МИА.

Спортската сала ја пуштија во употреба премиерот Никола Груевски, заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски и градоначалникот на општина Росоман Стојанче Лазов. Нејзината изградба е дел од владиниот проект за изградба и опремување 145 училишни спортски сали инвестиција вредна 24 милиони денари.

Како што беше речено, салата ги има сите услови и потребна опрема за спортски активности и квалитетна настава по физичко образование. Тука децата ќе се рекреираат, ќе спортуваат и ќе имаат можност за вистински развој на своите спротски таленти. Спортските клубови ќе имаат можност да тренираат, граѓаните да се рекреираат, а ќе има простор и за разни приредби и манифестации.

salaa (2)

– Денешниот ден кај многумина ќе побуди вмешани чувства, чувства на радост и тага. Тага зашто од овие краеви се подигнати многу генерации на ученици кои никогаш порано за време на своето образование немале своја сопствена сала и вистински услови за физичко образование и развој на спортскиот дух. Жално и тажно е што никој порано не се заинтересирал да ја промени оваа состојба, истакна Груевски.

Според него, не само Росоман и ова училиште, туку во изминатите години имало голем број места во Македонија никогаш порано немале спортска сала.

– Но, тоа да го оставиме во минатото, да им служи на чест на оние кои денес фрлаат дрва и камења по оваа влада, а кога имаа можност нешто да направат не направија ништо за граѓаните на Македонија, нагласи премиерот.

Тој потсети на реализираните проекти во општината меѓу кои  изградба на фудбалско игралиште, повеќенаменско спортско игралиште, изградба на подрачно училиште во селото Паликура, реконструкција и санација на покривот и внатрешноста во ОУ во Росоман, како и зафати во неколку подрачни училишта.

Во делот на патната инфраструктура реконструирани се локалните патишта за село Трстеник и Сирково, реконструиран е патот Росоман – Паликура, а минатата година изграден е патот Паликура село Курија кој, според премиерот, е од исклучително значење за земјоделците од овој регион бидејќи за 11 километри се скрати патот до Неготино.

salaa (3)– Од големо значење за овој регион се и изградбата на брзиот пат Градско-Прилеп кој ќе го почнеме оваа година. Во соработка со општината обезбедивме посети од  доктор во селата Трстеник, Манастирец и Паликура, помогнавме за изградба на канализациски систем во село Сирково, постојано помагаме во субвенции за земјоделците како и голем број други проекти од значење за граѓаните, посочи Груевски.

Со изградбата на салата во ОУ „Пере Тошев“, се надоврза заменик министерот Ристовски, ќе  им се овозможат адекватни услови за изведување на наставата по физичко и здравствено образование на околу 400 ученици, како и изведување воннаставни активности, а објектот ќе биде достапен за сите заинтересирани жители на општина Росоман, за рекреација, одржување спортски натпревари и културни манифестации.

salaa (4)– При изградбата се испочитувани сите стандарди за градење ваков тип објекти, а особено внимание е посветено на енергетската ефикасност, сигурноста и квалитетот на вградените материјали, истакна Ристовски.

Салата, додаде градоначалникот Лазов, ќе биде од корист и за младите од општината кои сакаат да спротуваат и тренираат.

– Со овој спортски објект ќе го подигнеме спортскиот дух во нашата општина позната како земјоделска, но и како општина во која се цени спортот. Се надеваме дека со пуштањето во употреба на оваа спортска сала бројот на спортските клубови и спортисти кај нас ќе се зголеми, потенцира градоначалникот.