Пуштено во употреба инклузивното детско игралиште во Прилеп

Заменик министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими заедно со градоначалникот Ристески и амбасадорот на Р.Полска Јацек Мултановски го посетија новоизграденото инклузивно игралиште во Прилеп. Заменик министерот Ибрахими истакна дека во вакви игралишта лицата со посебни потреби помалку можат да се повредат отколку во класичните.

МТСП овој проект го реализира во партнерски однос со Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Македонија – Мобилност Македонија. Проектот подразбира оформување на простор со реквизити кои ќе бидат достапни и за децата со инвалидност. Локацијата на игралиштето е во центарот на градот кај Учестакот, за што Советот на општина Прилеп обезбеди простор од 500м2, од кои 180м2 за поставување на детските реквизити, а остатокот од просторот ќе се пополни со дополнителни содржини.

Финансиските средства за набавка на реквизитите во износ од 730.000 денари ги обезбеди Полската амбасада во Македонија, а Општина Прилеп се влучи во реализација на овој проект преку припрема на подлогата на игралиштето со поставување на гумена подлага .

Мобилност Македонија ги утврди сертификатите за безбедност на реквизитите и другите критериуми кои треба да ги исплони производителот на реквизитите и спроведе избор на најдобар изведувач – во случајот МС Компани од Скопје.

До сега вакви игралишта се изградени и пуштени во употреба во Скопје – Градски Парк, во Ѓорче Петров, во Кавадарци и во Ново Село – Струмица.