Македонија

Пуштено во употреба ново поќенаменско игралиште во Ржаничино

Пуштено во употреба ново поќенаменско игралиште во Ржаничино

Денеска директорот на Агенцијата за млади и спорт, Марјан Спасески заедно со министерот за труд и социјална политика Диме Спасов и градоначалникот на Петровец Борче Митевски свечено го предадоа во употреба повеќенаменското игралиште во с.Ржаничино.

Во своето обраќање, Директорот Спасески истакна дека игралиштето е изградено според светски стандарди и ќе може да се користи за играње на разни спортски игри.

“Повеќенаменското игралиште, кое е дел од владиниот проект за изградба на 100 повеќенаменски игралишта низ целата држава, е со површина од 1.300 метри и со димензии 45 x 28 метри квадратни. Игралиштето може да се користи за играње мал фудбал, кошарка, серва, ракомет и други игри и ќе биде место кое ќе претставува одлична поддршка за сите спортисти и сите граѓани на општината. Покрај тоа ќе може да се користи и во вечерните часови бидејќи е осветленo со рефлектори.”- истакна Спасески.

Спасески се осврна на инвестициите и вложувањата во спортот и во спортската инфраструктура.
-„Инвестирањето и развојот на спортската инфраструктура не е и не смее да биде привилегија само на големите урбани центри. Напротив, тоа треба да биде придобивка и можност која ќе се пружи секому и секаде. Селото Ржаничино и општината Петровец се доказ за тоа” – потенцираше Спасески, кој напомена дека досега Владата, преку Агенцијата за млади и спорт во Петровец изградила едно фудбалско игралиште, а во моментов се гради и тениски терен во рамките на ОУ “Кочо Рацин”.

Од проектот за изградба на 100 повеќенаменски игралишта низ целата држава, ова е 30-тото игралиште кое го пушта во употреба Агенцијата за млади и спорт , 19 се завршени и спремни за отворање, а 5 се во фаза на градба. Изградбата на повеќенаменското игралиште во Општина Петровец изнесува околу 8 милиони денари.