Пуштено во употреба новоизградено училиште во Паликура

Премиерот Никола Груевски, заменик министерот Спиро Ристовски и градоначалникот на општина Росоман Стојанче Лазов денеска во селото Паликура го пуштија во употреба новоизградено училиште кое ќе функционира во рамки на ОУ „Пере Тошев“, пренесува МИА.

skolo (4)

Новото училиште, како што истакна премиерот, на учениците ќе им овозможи нови, многу подобри услови за настава. Дополнително, со неговата изградба се отвора простор во старите монтажни бараки да се всели месната заедница, да се отвори простор за руралниот доктор или да се користи за други потреби за кои општината ќе донесе одлука.

– Старото монтажно училиште се уште е тука како сведок на едно минато време во кое, за жал, поминаа многу генерации, ученици кои учеа во тешки и несоодветни услови. Потребата да се изгради ново училиште беше неминовна и ние ветивме дека ќе го помогнеме тој проект. Ветивме и не заборавивме, подвлече Груевски.

Премиерот изрази благодарност за соработката со општината и потсети дека покрај изградбата на училиштето, во изминатиот период Владата помогна и со други проекти кои се од значење за Паликура.

– Тука пред се би ги спомнал реконструкцијата на патот Росоман-Паликура, изградбата на патот од селото Паликура до селото Курија кое од исклучително значење за земјоделците од овој регион бидејќи за 11 километри се скрати патот до Неготино, субвенциите за земјоделците, овозможувањето на руралниот доктор да го посетува селото, како и повеќе други проекти од значење за Паликура и пошироката околина на општина Росоман, рече Груевски.

skolo (3)За непречено одвивање на наставата, потенцира градоначалникот Лазов, потребени се нормални услови кои општината се труди да ги овозможи.

– Се надеваме дека со изградбата на новото училиште ќе се подобри квалитетот на наставата, ќе имаме подобар успех на учениците. Благодарение на Владата и премиерот кои се грижат за сите граѓани да добијат квалитетни услови за живот,  денеска го пуштаме ова училиште кое заедно со асфалтираните улици во скоро целото село со локалниот пат до Паликура, но и до селото Курија го поврза и го стави Паликура како атрактивно место за развој, рече Лазов.

Во соработка со ОУ „Пере Тошев“ од Росоман, нагласи, сменета е столаријата во сите училишта, во централното училиште доградени се нови училници, а сменет е покривот во подрачното училиште Сирково, Камен Дол и Трстеник.

Премиерот Никола Груевски денеска, во рамки на посетата на кавадаречкиот регион,  ја посети и фабриката Дрекслер Маер и оствари средба со раководството.

фото: МИА