Македонија

Пуштено во употреба повеќенаменско игралиште во Дебар

Пуштено во употреба повеќенаменско игралиште во Дебар

Во рамките на „ Проектот за изградба на 100 повеќенаменски игралишта низ целата држава“ денеска во Дебар, беше предадено во употреба повеќенаменско игралиште.

На свеченоста присуствуваа министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски, директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески, заменик генералниот секретар на Владата Тахаир Хани, градоначалникот Ружди Љата, пратеници, претставници на инситуции и граѓани.

– Огромно задоволство ми е што денеска го промовираме овој објект кој е резултат на една добра соработка меѓу локалната власт и Владата. Ова  претставива посебен пример дека може да се соработува, да се изнајдат сили и да се придонесе младите во Дебар, без оглед на која национална или верска припадност се, да им се даде простор онака како што заедно живеат, така и заедно да спортуваат, да бидат добри, здрави и успешни. Ако животот ги разделува луѓето, спортот е тој кој ги обединува, рече градоначалникот Љата, упатувајќи апел до Владата да инвестира повеќе во овој регион во секој сегмент.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески  покрај другото соопшти уште една добра вест за дебрани, а тоа е изградбата на тениско игралиште, што ќе значи опфат на Дебар во проектот за изградба на 120 тениски игралишта во државава.

– Верувам дека во иднина ова место ќе биде вистински дом на спортот и ќе претставува одлична поддршка за реализација на спортските активности на општината и на клубовите. Верувам дека младите своето слободно време ќе го помуинуваат тука, натпреварувајќи се меѓу себе и учејќи ги вредностите на спортот и почитта кон противникот, рече Спасески.

Според него, сенаменското игралиште ќе може да се користи за мал фудбал, кошарка, серва, ракомет и други игри. Тоа е е 34-то по ред од 100-те кои се предвидени да се изградат во целата држава.

– Владата на Република Македонија продолжува да инвестира во вакви повеќенаменски игралишта, продолжува да инвестира во 180 спортски сали, да ивестира во 120 тениски игралишта, продолжува да инвестира во 50 фудбалски игралишта. Сето ова го правиме со цел да можат младите генерации, идните генерации да се грижат за своето тело,да имаат можност каде да спортуваат, да имаат можност каде да се развиваат правилно и да можат оние кои се најталентирани да продолжат да градат своја кариера со што ќе го претставуваат не само Дебар, не само овој региот, туку и Македонија, бидејќи спортистите се најдобри амбасадори на својата земја во светот, рече пред дебрани министерот Ивановски.

Тој нагласи дека на ова повеќенаменско игралиште ќе се создаваат мултикултурни друштва, ќе се создава дружење меѓу Македонците, Албанците, Турците, Бошњаците, меѓу  кој било што живее тука и ќе го користи овој терен.

– Сепак ние сме Македонија која што сме мултикултурно општество, каде со години се докажуваме дека сме едни од подобрите, каде што можеме да им докажеме на сите оние наши непријатели дека во Македонија има соживот меѓу Муслиманите и Христијаните, меѓу Албанците, Македонците и Турците дека не постои надворешен фактор кој може тој соживот да го наруши, рече Ивановски.

Заменик-генералниот секретар на Владата Тахир Хани очекува дека младите во Дебар сега кога имаат услови слободното време повеќе да го посветат на спорот, заедно да спортуваат, да другаруваат и да постигнуваат резултати.

Новото повеќенаменско игралиште се наоѓа во населбата „Венец  два“ со димензии 45×28 метри и е изградено според светските стандард.