Магазин

„Пушкинови денови 2014“ во Општина Кисела Вода

„Пушкинови денови 2014“ во Општина Кисела Вода

Општина Кисела Вода и оваа година преку традиционалната културна манифестација „Пушкинови Денови” го чествува делото на големиот руски поет Александар Сергеевич Пушкин.

Во паркот кој го носи името на овој великан на руската литерарна мисла, пред неговата спомен биста, свежо цвеќе постави претседателот на Советот на општина Кисела Вода, Трајче Донев заедно со  претставници од општина Кисела Вода и делегација од Амбасадата на Руската федерација, предводена од руското аташе за култура, Александар Алексеев.

Одбележувањето на 215 години од раѓањето на светски познатиот поет Александар Сергеевич Пушкин продолжи во ОУ “Кирил Пејчиновиќ”, каде во организација на Одделението за култура при општина Кисела Вода , најпрво настапија студентите од катедрата за славистика при филолошкиот факултет “Блаже Конески”-Скопје, Никола Стојановски и Андреј Јованчевски.

Преку одличната интерпретација на стихови од Пушкин , тие пред бројната публика го доближија бунтовниот дух на Пушкин, невообичаениот спој на страста и мудроста кој одекнува во сето негово творештво.  Стојановски и Јованчевски, на овој начин, уште еднаш дадоа потврда на пушкиновите стихови од песната “Си подигнав споменик на себе”, каде тој, сам за себе вели дека заради своето книжевно дело, ќе биде славен се додека на светот постои барем еден поет.

Александар Сергеевич Пушкин се смета за почеток на сите почетоци, не само во руската книжевност, туку и општо, во целокупната руската уметност и култура. Неговите дела се инспирација за бројни сликари, музикалноста на неговите стихови ги вградила во многу руски песни. Затоа, денот на неговото чествување, општина Кисела Вода, го одбележа и со музика. Мошне забележителен и интересен настап имаше руското културно уметничко душтво ,, Славјанка”кое веќе 14 години, под раководство на Олга Деспотовиќ ја негува љубовта кон руската песна и фолклор. Избраниот репертоар за денешната свеченост и нивната атрактивна изведба, не остави никого во публиката рамнодушен.

Маинфестацијата Пушкинови денови ќе продолжи и во наредните денови во основните училишта на територија на општина Кисела Вода, каде преку предавања на часот по македонски јазик, учениците ќе бидат запознаени со животот и делото на Александар Сергеевич Пушкин.

Идејата за организирање на оваа културна манифестација датира од 2009 година, на заедничка иницијатива од Амбасадата на Руската федерација и општина Кисела Вода, во знак на продлабочување на културната соработка помеѓу двете пријателски земји. Годинава, Пушкиновите денови се одбележуваат по шести пат.