Пуштен во употреба велосипедски полигон за деца во Парк Македонија

Нов урбан велосипедски полигон за деца со површин од 660 метри квдратни официјално е пуштен во употреба во Парк Македонија.

На отворањето на полигонот, како што соопшти Град Скопје, присуствуваа градоначалникот Коце Трајановски, генералниот директор за банкарство на мало од Стопанска банка, Милица Чапаровска Јовановска, како и деца од околните градинки и училишта.

Градоначалникот Трајановски рече дека велосипедскиот полигон за деца е од едукативен карактер и има за цел децата да ги научат сообраќајните знаци и сообраќајните  правила.

– Велосипедскиот полигон за деца е со должина на патека од 270 метри и урбана опрема бампери, рампа, паркиралиште за велосипеди, нишалки, лизгалки, дрвена куќарка, површини исополнети со песок, клупи за седење, пикник маси и корпи за отпадоци. Во изградбата на овој едукативен полигон беа користени еколошки материјали. Вредноста на овој проект изнесува 1.234.000 денари, рече Трајановски.

Во тревните површини околу паркингот за велосипеди и зоната со нишалки се поставени 12 клупи за седење, 4 сетови од пикник маси и клупи за седење и корпи за отпадоци.

Велосипедски полигон за деца во Парк Македонија е донација од Стопанска банка.

Генералниот директор за банкарство на мало од Стопанска банка Милица Чапаровска Јовановска, изјави дека ова е ретка можност ваков јавен простор да биде оплеменет и трансформиран во катче за рекреација, забава и секако едукација за најмладите.