Пуштена во употреба зградата на јавната администрација во Струмица

Во Струмица денеска беше пуштена во употреба зградата на јавната администрација, во која ќе бидат сместени подрачните одделенија на Управата за имотно-правни работи на УЈП, Агенцијата за катастар на недвижности и Управата за матична евиденција.

На свеченоста на која присуствуваше и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи Митко Чавков, се обратија првите луѓе на  Управата за имотно-правни работи и на УЈП.

– Поврзаноста на четирите важни државни институции значи многу за услугите кон граѓаните. Од наш аспект ќе се забрза процесот за приватизација на градежно земјиште тогаш кога е потребен доказ од Агенцијата за катастар на недвижности со кои сега службите се локациски поврзани, рече директорот на Управата за имотно-правни работи Зоран Крстановски, додавајќи дека ќе продолжат по принципот „нема погрешна врата“ во насока за целосна улужност кон граѓаните.

Директорот на УЈП Кирил Миновски рече дека новите простории ќе помогнат за поволно деловно опкружување.

– Ние промовираме нов концепт на услуги на државните институции за доближување на граѓаните и бизнисот за да создадеме поволно делено опкружување за раст и развој. На чекор поблиску сме до едношалтерски систем. Од аспект на УЈП воведуваме т.н. доброволно даночно усогласување за граѓаните и бизнисот на полесен начин да ги платат даноците, рече Миновски.

На обиколката во новите простории потенцираа дека објектот е завршен 45 дена пред предвиденото време. Во моментот течат тендерите за опремување на просториите и се очекува сите служби да се преместат таму во рок од два месеца. Зградата ќе биде во владение на Министерството за финансии. Градежните работи почнаа во август минатата година, а потрошени се речиси милион евра.

Струмичката јавна администрација е сместена во реконструиран објект на старата полициска станица.