Путин: Да се преземат максимални мерки за безбедност по нападот во Волгоград

Рускиот претседател Владимир Пурин им нареди на безбедносните сили да ги преземат сите неопходни безбедносни мерки по бомбашкиот напад на железничката станица во Волгоград во која 18 лица се убиени, а 50 се повредени.Портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков изјави дека Путин добил итни извештаи од безбедносните служби за овој напад кој Националниот истражен комитет го карактеризираше како тероризам.

Путин и нареди на Владата, а посебно на Министерството за вонредни ситуации и здравје како и на гувернерот на волгоградската област да преземат се, повредените во нападот да ја добијат сета неопходна помош, јави агенцијата Итар Тас.

Портпаролот на федералната полиција Владимир Колесников изјави дека мерките на безбедност ќе бидат зголемени на железничките станици и на аеродромите.

Агенциите јавија дека меѓу загинатите има и еден полицаец, а меѓу повредените има и деветгодишно дете. Извештаите за бројот на жртвите се различни, но бројката се движи од 13 до 18, а на повредените од 37 до 50.

Ова е напад со најголем број на жртви од јануари 2011 година кога на аеродромот во Москва беа убиени 37 лица.