Путин до Обама: Санкциите кон Москва се контрапродуктивни

Рускиот претседател Владимир Путин му рекол денеска на американскиот претседател Барак Обама дека санкциите наметнати на Москва поради украинската криза се контрапродуктивни и дека сегашната ситуација не е во интерес ниту на Русија, ниту на САД.

Во соопштението на руската Влада по телефонскиот разговор на двајцата лидери, се наведува дека разликите во нивните ставови и натаму се големи, но двајцата ја истакнале потребата од воспоставување моментален и одржлив прекин на огнот на истокот на Украина.

Белата куќа во Вашингтон објави дека во телефонскиот разговор Обама изразил загриженост поради тоа што Русија поддржува проруски сили на истокот на Украина.

Двајцата претседатели се согласиле да ги остават отворени каналите за комуникација кога во прашање се случувањата во Украина.

Ова е прв нивен разговор откако на 17 јули малезискиот авион е соборен над истокот на Украина.

 

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.