Путин ги повика лидерите на Азербејџан и Ерменија на прекин на огнот

Рускиот претседател Владимир Путин денеска телефонски разговарал со претседателите на Азербејџан и Ерменија, Илхам Алиев и Серж Саркисјан, повикувајќи ги двете земји на прекин на огнот и ветувајќи руска посредничка улога во надминување на конфликтот во Нагорно Карабах, пренесе ТАСС, повикувајќи се на Кремљ.

„Детално беше разгледан последниот развој на ситуацијата во зоната на конфликтот во Нагорно Карабах. Путин изрази сериозна загриженост од масовните вооружени судири, кои доведоа до многу жртви, и ги повика двете земји во најкраток рок да обезбедат целосен прекин на борбените дејствија и почитување на режимот на примирје“, сопшти прес-службата на Кремљ.

„Подвлечено беше, исто така, дека е важно да се обнови преговарачкиот процес меѓу Ереван и Баку, со содејство на Минската група на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) со цел за натамошно барање начини за мирно надминување на проблемот во Нагорно Карабах“, соошти прес службата на Кремљ.

-Рускиот премиер Дмитриј Медведев на 7 и 8 април ќе ги посети Ереван и Баку, изјави неговата портпаролка Наталија Тимакова.

Во Виена денеска заврши специјалното заседание на Постојаниот совет на ОБСЕ за ситуацијата во Нагорно Карабах. Претставниците на Минската група ги запознаа дипломатите со напорите за воспоставување дијалог меѓу земјите, изјави извор од една од делегациите.

-Копретседателите на Минската група ќе го посетат Нагорно Карабах за да се постигне примирје и да се создадат услови за преговори, рече постојаниот претставник на САД во ОБСЕ, Даниел Бајер.

Тој изрази надеж деја примирјето во регионот ќе биде оддржливо.

Силите за одбрана на Нагорно Карабах соопштија дека азербајџанската армија ги обновила нападите врз нивните позиции, пренесе ТАСС.