Путин ги повика Русите да излезат на гласање

Претседателот Владимир Путин ги повика Русите в недела да излезат на гласање за парламентарните избори.

На изборите првпат ќе учествуваат гласачи од полуостровот Крим, што беше анектиран од Русија во 2014 година.

Изборите се одржуваат во време кога рејтингот на Путин е околу 80 проценти и покрај најдлабоката рецесија во текот на неговото 16-годишно владеење.

– Ве повикувам на гласачките места, изразете ги своите ставови. Без оглед на нашите политички мислења, учеството на избори е граѓанска должност на сите нас, израз на нашите искрени чувства кон татковината и грижата за иднината. Изберете, гласајте за Русија, истакна Путин во телевизиската порака.

Руските власти годинава дозволија да се кандидираат поголем број опозициски кандидати, обидувајќи се да ја подобрат сликата за демократијата по масовните протести од 2011 година поради изборните нерегуларности.

Путин инсистираше сите кандидати да добијат „еднакви услови за отворена, фер борба“, но контролата на Кремљ над медиумите и политичкиот говор во Русија е таква што не ја загрозува актуелната власт. Промените на изборниот закон ќе бидат во корист на партијата на Путин, Единствена Русија.

Путин официјално не учествува на овие избори. Тој најверојатно ќе се натпреварува за четврти претседателски мандат во 2018 година.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.