Путин го прими палестинскиот претседател Абас

Рускиот претседател Владимир Путин го прими во саботата во Кремљ претседателот на Палестинската самоуправа Махмуд Абас, само два дена откако му беше домаќин на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Според соопштението за средбата од Кремљ, Путин на почетокот од разговорите со Абас истакнал дека му причинува задоволство да го информира палестинскиот челник за контактите со соседите и челниците на другите земји во регионот.

„Знам дека ситуацијата во регионот е тешка, но благодарен сум што го искористивте моментот каков што е Светското фудбалско првенство за да дојдете во Москва“, истакнал Путин.

Махмуд Абас изразил загриженост од плановите на Израел за нови населби на палестинските територии на Западниот брег од реката Јордан и во Источен Ерусалим, и оценил дека станува збор за најголемиот проблем со кој се среќаваат палестинските власти, пренесуваат руските новински агенции.

Повторно го споменал проблемот со преместување на американската амбасада од Тел Авив во Ерусалим, што дефакто значи дека САД го признаваат Ерусалим за израелска престолнина, на што жестоко се противат Палестинците.

„Се спротиставуваме на обидите на Американците да ги наметнат своите решенија за најчувствителните проблеми на Палестина“,истакнал Абас.

Махмуд Абас допатува во Москва два дена по посетата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој во средата со Путин разговараше за повлекување на иранското влијание од Сирија, како и за израелско-палестинските односи.

Во саботата попладнето Израел изведе нова серија воздушни напади во Појасот Газа, како одговор на ракетирањата од страна на исламистичкото движење Хамас кое владее во оваа палестинска енклава. По ранувањето на тројца Израелци, во одмазничкиот напад во Газа се убиени двајца тинејџери и уште 200 лица се ранети,

Нетанјаху порача дека Израел ќе ги засили нападите во Газа доколку милитантите на Хамас продолжат да гранатираат израелски цели. „Ќе ги интензивираме нападите доколку биде потребно“ рече израелскиот премиер.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.