Путин го убеди Јанукович да потпише договор со опозицијата

Поранешниот претседател на Украина, Виктор Јанукович, го потпишал договорот со опозицијата на 21-ви февруари по убедување од рускиот претседател Владимир Путин, по молба на на американскиот претседател Барак Обама, пишува московскиот дневник „Комерсант“, повикувајќи се на руски дипломатски извори.

Весникот пишува дека во телефонскиот разговор Путин го повикал Јанукович да не воведува вонредна состојба и да почне преговори со опозицијата, за да го запре крвопролевањето.

„Да влијае на Јанукович, Путин го замолилe Обама, како и лидерите на Германија, Франција и Полска. Тие од своја страна ветиле дека Кремљ ќе влијае на украинската опозиција да ги исполни сите точки на договорот, вклучувајќи формирање на влада на национално единство, уставни реформи, предвремени избори и предавање на оружје“, навел анонимниот извор на „Комерсант“.

Јанукович, според истиот извор, ги исполнил своите обврски, а опозицијата не направила ништо.

„Сега нас ЕУ и САД не’ повикуваат да ‘гледаме во иднината’ и да се правиме како да немало никаков договор. Но, тоа нема да помине“, рекол истиот извор.

Весникот наведува дека германската канцеларка Ангела Меркел рекла дека Путин се сложил за основање на меѓународна комисја за решавање на ситуацијата на Крим под надлежност на ОЕБС.

„Се сомневам дека се обидуваат да не’ вовлечат во сите можни рамки за да ја легализираат украинската влада. Подготвени сме да продолжиме со дијалогот со нашите западни партнери, но само доколку се вратат на договорот од 21-ви февруари, а во преговарачкиот процес да учествуваат сите политички сили на Украина“, додал тој.

„Комерсант“ додава и дека Москва нема да инсисира на враќање на власта на Јанукович, но ќе побара министерска функција да добијат и припадниците на неговата партија.