Путин и Ципрас разговараа за референдумот

Исходот од вчерашниот референдум на кој што Грците одговорија со убедливо НЕ за барањата на Тројката, бил една од темите на телефонскиот разговор меѓу рускиот претседател Владимир Путин и грчкиот премиер Алексис Ципрас. Како што јавува дописникот на Нетпрес од Атина, Путин ја изразил својата поддршка за грчкиот народ во надминувањето на идните тешкотии на земјата.

Референдум, оставки и неизвесност е она што го одбележа последното деноноќие во Грција. Кусо по објавените резултати, оставка си даде лидерот на Нова Демократија и поранешен премиер Андонис Самарас. Ваквиот потег не беше изннадување, ако се земе предвид дека неговата про-европска партија беше најгласна во кампањатаза гласање со ДА на референдумот и доживеа убедлив пораз.

„Очигледно е дека на нашата голема партија и е потребен нов старт. Од денес, давам оставка од позицијата лидер на партијата Нова Демократија“, изјави Самарас.

Но, изненадувачки и неочекувано е тоа што оставка си даде и грчкиот министер за финансии Јанис Варуфакис. По вчерашното обраќање по триумфот на референдумот, никој не можеше да претпостави дека сега веќе поранешниот минситер за финансии ќе си даде оставка.

Варуфакис оставката ја аргументираше со фактот што некои од членовите на Еврогрупата ставиле до знаење дека претпочитаат тој повеќе да не учествува во преговорите со нив. На негово место е поставен Ефклидис Цакалотос.

Вчеравечер на плоштадот Синтагма пак, со часови се славеше не само исходот од рефрендумот, туку и оставката на Самарас.

„Самарас требаше одамна да си даде оставка. Тој донесе катастрофа во Грција и треба да си оди одовде“, вели еден од присутните.

„Сметам дека Самарас е предавник. Тој го потцени нашиот труд да ја смениме состојбата која што траеше шест години и ние тоа повеќе не може да го толерираме“, изјави друг.

Овој референдум нема победници и губитници, тој самиот по себе е голема победа, истакна премиерот Ципрас во своето обраќање до нацијата по објавувањето на резултатите.

„Сакам да се заблагодарам на секого од вас. Ирелевантно на тоа за кога гласавте денеска, од сега сите сме обединети. И наша задача е да сториме се што можеме за да ја надминеме кризата и повторно да ја подигнеме Грција. Да го задржиме националното единство и  повторно да воспоставиме социјална коезија и економска стабилност“, изјави Ципрас.

Ципрас уште еднаш повтори дека народот не му дал мандат за да ги прекине односите со Европа, туку за да ја засили грчката преговарачка моќ со цел постигнување одржлив договор со кредиторите.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.