Путин и Ердоган постигнаа напредок по прашањето на сириски Идлиб

Русија и Турција се согласија во понеделникот да се создаде демилитаризирана зона на линијата на контакт меѓу вооружената опозиција којашто ја поддржува Анкара и сириската владини сили чијшто сојузник е Москва во северната сириска покраина Идлиб, последното големо упориште на бунтовниците коишто ги поддржува Западот како и џихадистичките групации, пренесуваат агенциите во двете земји по четиричасовните разговори меѓу рускиот претседател Владимир Путин и неговиот турски колега по должност Реџеп Тајип Ердоган.

Двајцата челници, како што се соопштува од Сочи, разговарале првенствено за економската соработка меѓу двете земји, меѓутоа, истовремено според нив како главна тема се наметнала ситуацијата во Идлиб. Станува збор за последната голема област во која се концентрирани бунтовниците откако во 2017 година таму беше формирана ткн северна зона на деескалација договорена меѓу Русија и Турција, каде што можеа да се префрлат бунтовниците со семејствата, кои се откажаа од положување на оружјето и почитување на примирјето.

Како што истакнал рускиот претседател Владимир Путин, загриженоста кај руската страна по ова прашање е поради „заканата којашто ја предизвикуваат бунтовниците коишто се концентрирани ѕаму (Идлиб)“ за градот Алепо и за руската воена инфраструктура на сириска територија, односно поморската база Тартус и воздухопловната база Хмејмим.

За исходот од преговорите со Ердоган, новинарите ги информирал Путин, според кого „За време на средбата детално дискутиравме за оваа ситуација и одлучивме да создадеме по должина на линијата на контактот меѓу вооружените сили на опозицијата и владата од 15-ти октомври 2018 година демилитаризирана зона во длабочина од 15 до 20 километри со повлекувањето на радикалните милитанти, вклучително и групацијата Џебхат ан-Нусра (сириското крило на Ал Каеда коешто сега е нарекува Хајат Тахрир ал-Шам – з.р)“.

Покрај тоа, како што предложил турскиот претседател Ердоган, од 10-ти октомври е планирано „да се спроведе повлекување од оваа зона на тешкото вооружување, тенкови, ракетни лансери, минофлрачи и сите други видови оружја со коишто располагаат опозициските групации“ , додал Путин.

Путин прецизирал дека, исто така, по предлог од турската страна, мониторингот во демилитаризираната зона ќе го спроведуваат патроли на турските единици и единци на руската воена полиција, коишто најдоцна до крајот на годинава ќе го воспостават транзитниот сообраќај по делниците Алепо – Латакија и Алепо – Хама, покраините блиски на Идлиб а кои се традиционални упоришта на сирискиот претседател Башар ал-Асад

Рускиот претседател додал дека за денешниот договор ќе бидат извршени консултации и со владата на Сирија, но истакнал дека ваквиот пристап е целосно поддржан досега од официјален Дамаск.

„Русија и Турција ја потврдија својата решителноста во борбата со тероризмот во Сирија во сите негови фори и манифестации. Според нашето заедничко мислење, практичното изведување на планираните чекори ќе даде дополнителен поттик на процесот на политичко решавање на сирискиот конфликт, ќе ја зајакне работата на Женевската платформа и ќе придонесе за враќање на мирот во сириската држава“, рекол Путин.

Рускиот претседател посебно повикал на засилување на активностите за формирање на уставотворната комисија на Сирија, којашто според споменатите меѓународни преговори од Женева, треба да ја трасира политичката иднина на земјата којашто речиси седум години ја разорува граѓанскиот конфликт кој прерасна во конфесионален и ги надмина и границите на регионот на Блискиот исток.

„Ќе продолжиме да работиме на формирањето на уставотворната комисија составеа од претставници на сириска влада, опозициските сили и граѓанското општество. Задачата е да се обезбеди почеток на нејзиното работење во најскоро време“, истакнал рускиот лидер.

По преговорите меѓу двајцата челници, министрите за одбрана на Русија и Турција потпишале меморандум за стабилизација на ситуацијата во областа на деескалација во Идлиб. Одговарајќи на новинарско прашање, рускиот министер Сергеј Шојгу рекол дека имајќи ги предвид постигнатите договори ќе биде избегната нова воена операција во Идлиб.

„Веќе во следните неколку часа ќе се усогласиме со нив (Турција) за сите позиции кои се изложени во овој документ“, додал министерот, одговарајќи на прашање дали со тоа ќе се согласи и сириската страна.

Турскиот претседател Ердоган изминатиот период неколкупати директно предупредуваше дека нова „антитерористичка“ операција на сириските сили поддржани од руската воена авијација во Идлиб може да предизвика хуманитарна трагедија, и покрај присуството на радикалните бунтовнички и џихадистички групации во покраината. Турскиот министер за одрана Хулуси Акар минатиот четврток изјави дека „секоја воена активност во Идлиб ќе доведе до катастрофа во регионот, кој веќе и онака има проблеми“.

Ердоган по средбата со Путин истакнал дека Анкара и Москва се договорите да го елиминираат сите радикални групации од територијата на покраината Идлиб, каде што дејствуваат и бунтовничките милиции кои ги поддржува Турција.

„Неопходно е да се реши прашањето на Идлиб во духот на процесот од Астана (трилатералните преговори под покровителство на Русија, Турција и Иран – з.р.). Неопходно е да се демилитаризираат териториите коишто се под контрола на сириската армија и на опозицијата. Заедно со Русија ќе вложиме максимални напори да ги отстраниме сите радикални групации од овие простори“, истакнал Ердоган.

Турскиот претседател, исто така, потврдил дека единици на двете земји ќе патролираат заеднички во демилитаризираната зона во Идлиб.

„За да ги спречиме провокациите од трети страни (…) Турција и Русија ќе го координираат патролирањето на оваа територија… Турција ќе ги зајакне своите набљудувачки точки во зоната на деескалација, спречувајќи хуманитарна трагедија, којашто може да се случи како резултат на борбени дејствија“, додал Ердоган.