Путин и Ердоган предупредуваат на опасност од јакнење на тензиите на Блискиот исток

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган и неговиот руски колега Владимир Путин предупредија во понеделникот вечерта на заедничката прес-конференција дека американското признавање на Ерусалим за израелска престолнина може да предизвика оживување на напнатоста на Блискиот исток.

Рускиот претседател Владимир Путин претходно во понеделникот ненадејно ја посети руската воздухопловна база Хмејмим во Сирија каде објави повлекување на руските сили од земјата поради завршувањето на двегодишната мисија и поразот на тероритичките групи во прв ред Исламската држава, а подоцна во Каиро разговараше за блискоисточната ситуација со египетскиот челник Абдел Фатах ал-Сиси.

„Русија и Турција веруваат дека оваа одлука (на САД) не помага во стабилизирање на ситуацијата на Блискиот исток, таа ја дестабилизира и онака сложената ситуација“, рече Путин во текот на средбата со турскиот домаќин Реџеп Тајип Ердоган во Анкара.

Ердоган оцени дека „Израел долева масло на огнот“. „Израел во овој процес гледа можност за јакнење на притисокот и насилствата над Палестинците“, додаде турскиот претседател и појасни дека Путин и тој имаат сличен пристап кон ова прашање.

Во текот на кусата посета на Египет во понеделникот попладнето Путин повика на моментално продолжување на директните израелско-палестински преговори за сите спорни прашања, вклучително и за статусот на Ерусалим.

Претходно Ердоган изјави дека со овој чин на признавање, САД станале соучесник во крвопролевањето на палестинските територии кои меѓународната заедница ги води како окупирани од Израел. Турскиот претседател предупреди на израелските потези кон Палестинците во Ерусалим и го обвини Израел дека Светиот град го претворил во затвор за муслиманите и другите верници.

„Никогаш нема да можат да ја измијат крвта од рацете. Борбата нема да запре сѐ до создавањето на независната палестинска држава во границите од 1967 година и источен Ерусалим како престолнина“, коментираше Ердоган.

Турскиот претседател, исто така, додаде дека самитот на челниците од муслиманскиот свет во среда во Истанбул ќе претставува пресврт во нивните потези по одлуката на Вашингтон за признавање на Ерусалим за главен град на Израел, наспроти ставовите на огромниот дел од меѓународната заедница.