Путин и Ердоган загрижени од одлуката на САД да го признаат Ерусалим за главен град на Израел

Рускиот претседател Владимир Путин и неговиот турски колега по должност Реџеп Тајип Ердоган, во текот на телефонскиот разговор од четвртокот ноќта изразиле „сериозна загриженост“ поради одлуката на Вашингтон да го призне Ерусалим за главен град на Државата Израел, соопшти службата за односи со јавноста на Кремљ.

„Двете страни изразија сериозна загриженост во врска со одлуката на САД да го признаат Ерусалим како главен град на Израел и објавувањето за преселување од Тел Авив на американската амбасада. Ваквите чекори може да ја уништат иднината на мировниот процес на Блискиот исток“, се истакнува во соопштението на Кремљ.

Во текот на разговорот, кој се одржал по иницијатива на турската страна, Ердоган го информирал Путн дека на 13-ти декември во Истанбул е свикан вонреден самит на Организацијата на исламската соработка посветен на ситуацијата околу Ерусалим.

Двајцата челници ја истакнале неприфатливоста на тамошната ескалација на тензиите во регионот. Според нив, напорите на меѓународната заедница треба да бидат насочени на поддршката на продолжувањето на израелско-палестинските преговори, со цел да се најде компромисно решение за сите проблеми, вклучително и за статусот на Ерусалим.

„Потврдена е приврзаноста на Русија и на Турција за постигнување правично и одржливо решение на кризата на Блискиот исток, во прв ред, во согласност со соодветните резолуции на Советот за безбедност и Генералното собрание на Обединетите нации и остварувањето на правото на палестинскиот народ да формира сопствена држава“, соопштија од Кремљ.

Во текот на разговорот биле разгледани и актуелните аспекти од меѓусебната соработка. Особено внимание Путин и Ердоган посветиле на прашањата од остварувањето на стретешките проекти во сферата на енергетиката. Претседателите се договориле и за продолжување на меѓусебните лични контакти.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.