Путин и Трамп разговараа за ситуацијата на Корејскиот полуостров

Рускиот претседател Владимир Путин и неговиот американски колега по должност Доналд Трамп телефонски разговараа за билатералните односи и ситуациите во невралгичните подрачја со акцент на Корејскиот полуостров, соопшти ноќта кон петокот Кремљ.

„Беа дискутирани актуелните прашања од билатералните односи и ситуацијата во кризните региони, со особен акцент на решавањето на нуклеарниот прашање на Корејскиот полуостров“, се наведува во објавата на кабинетот на рускиот челник.

Се истакнува дека телефонскиот разговор се одржал по иницијатива на американската страна. Путин и Трамп притоа се договориле да продолжат со директните контакти.

Претходно Русија и Кина ѝ предложија на Северна Кореја да прогласи мораториум на нуклеарните и ракетните тестирања, а на Јужна Кореја и на САД да се воздржат од изведување на постојаните воени вежби во регионот со цел да се стабилизира ситуацијата на полуостровот. Меѓутоа, Вашингтон ја игнорираше оваа иницијатива.