Путин имал разработен план за анексија на источна Украина?

Канцеларијата на Владимир Путин наводно составила детална мапа на патот за тоа како „проруското свртување“ би можело да овозможи припојување на Крим и некои источни покраини на Русија, само неколку недели пред симнувањето на Виктор Јанукович и почетокот на украинската криза, пренесува британски „Индепендент“.

Според документот до кој, наводно, дојде Новаја Газета, Русија го идентификувала Јанукович како човек кој политички банкротирал и направила план според кој пучот на крај би довел до експанзија на Русија.

Овие ексклузивни информации кои што ги изнесува весникот кој е еден од последните независни медиуми во земјата и кој неодамна беше номиниран за Нобелова награда за 2015 година поради истражувачката работа, неможе да бидат проверени од независни извори.

Наводно, документот што на англиски беше преведен од Киев пост бил предаден во канцеларијата на Путин на разгледување во периодот помеѓу 4-ти и 12-ти февруари 2014-та година, истиот месец кога украинскиот парламент го симна Јанукович.

Новаја газета објави дека настаните што следеле во Украина во голема мера наликуваат на мапата на патот „чекор по чекор“, за политичката и пропагандна логистика на руското вмешување во украинската внатрешна политика и за отуѓувањето на Крим и источните украински провинции.

Меѓу деталите на планот е и погрдната оцена за Јанукович, кого Русија подоцна го претстави како жртва на државен удар и единствен легитимен лидер во Украина.

Се наведува дека источните прекугранични региони Донбас и Дњепар од перспектива на ЕУ се легитимни европски региони.

Со помош на овој инструмент, Русија би требало да постигне договори за прекугранична соработка и потоа да воспостави директни меѓудржавни односи со украинските територии каде постои стабилно прорурско избирачко тело, наводно стои во документот.

Документот исто така сугерира дека поддршката на Русија за тие територии била очигледен товар за буџетот во актуелната ситуација, но се додава дека во геополитичка смисла ќе донесе непроценлива корист – земјата ќе добие пристап кон нови демографски извори и висококвалификуван персонал во областа на индустријата и транспортот.

Еден дел од документот изгледа дека ја изнесува потребата за дестабилизација во источна Украина.

За да се иницира процесот на проруското свртување во Крим и на териториите во источна Украина, потребно е да се создадат настани кои однапред на целиот процес би му дале политички легитимитет и морално оправдување, се наведува во коментарот.