Путин ја има поддршката на 75 отсто од Русите

Три четвртини од Русите, односно 75 отсто, би гласале за претседателот Владимир Путин доколку в недела се одржат избори за шеф на државата, покажуваат резултатите од најновата анкета на Фондот за истражување на јавното мислење (ФОМ).

На тој начин, изборниот рејтинг на Путин достигна ново рекордно ниво, објави руската агенција ТАСС, потсетувајќи дека пред шест месеци 71 отсто од Русите беа подготвени да му го дадат својот глас.

Од останатите политичари, според резултатите од анкетата, лидерот на Либерално-демократската партија, Владимир Жириновски би можел да смета на четири отсто од гласовите, лидерот на комунистите Генадиј Зјуганов на три проценти, а по еден отсто имаат шефот на партијата „Праведна Русија“ Сергеј Миронов и поранешниот лидер на Граѓанската платформа, бизнисменот Михаил Прохоров.

Еден отсто од анкетираните одговориле дека би избрале некој друг политичар, еден процент дека би дале неважечки ливчиња, а девет отсто изјавиле дека не би излегле на гласање.