Путин: Ќе формираме сопствен систем на плаќање

Одлуката низа странски компании во Русија да ја ограничат активноста на своите системи на плаќање ќе има контрапродуктивни ефекти, ќе доведат до губење на пазарот кој за нив е профитабилен, смета рускиот претседател Владимир Путин.

Според неговите зборови, Русија ќе ги заштити своите интереси, a меѓу останатите ќе биде и формирање сопствен систем на плаќање, пренесува Итар тас.

„Жално е што некои компании одлучија да воведат извесни ограничувања, мислам дека тоа ќе доведе до губење на одредени сегменти на пазарот кој е профитабилен за нив,“ изјави Путин на состанокот на членовите на Одборот на советот на федерацијата.

„Но, тоа не е наша одлука, ние мораме да ги заштитиме своите интереси и тоа ќе го направиме,“ нагласи Путин.

Тој укажа дека земјите како што се Јапонија и Кина функционираат и тоа успешно. Тие на почетокот биле исклучиво национални, затворени во својот пазар, на своја територија, на своите луѓе, а сега според Путин стекнуваат се поголема популарност.Рускиот претседател додаде дека јапонскиот систем кој е формиран како нацинален, сега функционира во 200 земји.

„Зошто и ние не би го направиле тоа? Ако е неопходно тоа да се направи, ние ќе го направиме,“ истакна тој.

Путин нагласи дека Централната банка заедно со владата активно работи на тоа, иако ќе биде потребно време.

Виза и Мастер кард минатата недела престанаа да ги овозможат услугите за плаќање на клиентите на банката Русија, спрема која САД наметнаа санкции.