Путин очекувано до уште еден шестгодишен мандат на чело на Русија

Владимир Путин по четврти пат ќе биде руски претседател, веќе по првиот изборен круг, двапати по два последователни мандата раздвоени со премиерската должност, покажуваат прелиминарните резултати објавени во неделата навечер, со што доби од граѓаните доверба уште шест години да ја води просторно најголемата земја на светот, во периодот кога е во жесток судир со Западот од кој сѐ почесто е напаѓан.

По пребројувањето на 60 отсто од избирачкиот материјал, очекувано во водство е Владимир Путин со 75,01 отсто од гласовите. Според последните податоци втор е кандидатот на комунистите, милионерот Павел Грудинин со 13,38 отсто, трет е утранационалистот од либералната партија Владимир Жириновиски со 6,34 отсто, а на четвртокот место е единствената кандидатка – либералната новинарка Ксенија Собчак со 1,42 отсто поддршка. Другите четворица кандидати, Григориј Јвалински, Борис Титов, Максим Сурајкин и Сергеј Бабурин со последните податоци освојуваат од 0,83 до 0,63 отсто од гласовите.

Прогласен за нерегуларен кандидат поради судската пресуда, за којашто тврди дека му е наместена од власта, најгласниот либерален опонент на Кремљ кој ја има директната поддршка од Западот, Алексеј Навални, ги повика Русите да ги бојкотираат изборите. Но, како и неговите во прв ред надворешни поддржувачи, кои не веруваа во неговите сериозни шанси да го загрози Путин, и руските избирачи очигледно не го послушаа.

Избирачките места беа отворени во саботата навечер по македонско време на рускиот Далечен исток, а изборите беа завршени со затворањето на последните избирачки места во балтичката енклава Калининград во неделата вечерта.

Владимир Путин на власт како претседател или премиер е речиси две децении во коишто постигна недвосмислен подем на Русија, и на економски и на политичко-безбедносен план, а уште од поодамна имајќи го предвид неговиот висок рејтинг беше јасно дека и во наредните шест години ќе доминира со руската политика.

Одѕивот на избирачите беше 59,5 отсто според последните податоци соопштени во 19 часот по московско време, еден час пред затворањето на избирачките места. Тоа е значително повеќе во повеќето региони откако Путин последен пат беше изгласан за претседател, според централната изборна комисија. Токму поголемиот одѕив беше клучната цел на изборната кампања на Путин, за да може на резултатите во коишто всушност никој не се сомневаше да им се даде целосен легитимитет. Поради тоа, за да се избегне малата излезност на гласачите што би можело да ја намали веродостојноста на резултатите, Путин пред изборниот молк им се обрати на избирачите во видео порака повикувајќи да излезат и да гласаат за нивната татковина.

Невладината организација Голос која е специјализирана за набљудување на изнорите, на својата интернет страница објави дека до 17,45 часот по средноевропско време биле забележани 2.629 неправилности на повеќе од 97 илјади гласачки места, од повеќекратно гласање до оневмозможување на набљудувачите, пренесува агенцијата AFP. Меѓутоа, повеќето странски набљудувачи интервјуирани за руските медиуми во текот на изборниот ден не искажаа особени забелешки за текот на изборниот процес. Централната изборна комисија призна дека имало неправилности но никако во наведениот обем, и истакна дека тие не влијаат врз легитимитетот на вкупните резултати.

Путин го надмина сопствениот изборен рекорд

Рускиот претседател Владимир Путин, според излезните анкети, освои уште едена убедлива и предвидлива победа во првиот изборен круг од претседателските избори кои се одржаа на 18-ти март. Анкетите спроведени на избирачките места му даваат победа со индекс од 73,9 до 76,3 отсто од гласовите. Тоа не е само значителен повисок показател од претходните претседателски избори во 2012 година, кога Путин победи со освоени 63,6 отсто од гласовите, туку исто така го надминува и претходниот изборен руски рекорд кој Путин го постави во 2004 година кога го поддржуваа 71,31 отсто од гласачите.

Последните седмици од предизборната кампања беа одбележани од обвиненијата на Лондон за наводна наредба на Путин за труење на поранешниот двоен руско-британски агент во Англија, критиките од Западот за поддршката на сирискиот претседател Башар ал-Асад и новите американски санкции поради наводното руско мешање во претседателските избори во 2016 година. Меѓутоа, очигледно е дека кај руските гласачи тоа не мина, па дури имаше и спротивен ефект, имајќи го предвид поголемиот нивен одѕив на гласачките места.

Негирањата, меѓусебните обвинувања и заканите со реципрочни мерки го одбележаа претходниот мандат на Путин кој е одбележан, исто така, и со силно враќање на Русија на меѓународната сцена, што предизвика Западот да се врати на атмосферата од периодот на Студената војна, поради сирискиот судри, бунтот на рускојазичнито и руско население во југоисточна Украина по превратот во Киев, присоединувањето на Крим.

Путин – омразен кај западните политичари, обожуван во Русија

За милиони Руси, Владимир Путин е човекот кој ја донесе стабилноста на земјата по политичкиот и економски хаос во 1990-те години во времето на Борис Елцин кој ја имаше американската поддршка, и кој ја обнови власта и го врати угледот на Москва на меѓународната сцена загубен по распадот на некогашниот Советски сојуз. Во предизборната кампања вети јакнење на одбраната од Западот, во прв ред НАТО, чиишто сили се перманентно присутни на воени вежби на руските граници, како и дека и во услови на западните санкции и притисоци ќе го подигне животниот стандард на граѓаните.

Во странство, во прв ред на Западот, пак, за Путин се креира сосема поинаква слика, но главно во медиумите и од државните политики. Путин неретко е прикажуван на насловните страница како симбол на „апсолутното зло“, слично како во медиумските кампањи против некои поранешни блоскоисточни челници. Кај некои европски политичари, неговиот углед е намален од општоприфатеното на Западот тврдење за руско мешање во украинската криза, што беше изговор Европската унија да подлегне под притисокот на САД и да воведе санкции против Русија во 2014 година. Но на тоа Москва возврати со противмерки, како забрана за увоз од овие земји на прехранбени, млечни и земјоделски производи поради што многу европски извозници почувствуваа големи загуби.

На Западот беа лансирани една по друга како на фабричка лента кампањи против Путин, чијашто цел е да се намали неговиот углед што го имаше кај обичните луѓе посебни во западноевропските земји. Обвинуван е директно од воената помош на сирискиот претседател Башар ал-Асад, до наводната раширена практика за допингување на руските спортисти поради коишто Руската Федерација беше суспендирана од игрите, па до наводното труење со нервен агенс на осудениот за предавство поранешен агент Сергеј Скрипал.

Меѓутоа, очигледно Русите повеќе ги прифаќаат зборовите на Путин дека сите овие забелешки всушност покажуваат дека силна Русија му пречи на Западот. Токму затоа, и рускиот претседател се одлучи кампањата за овие избори да ја води под мотото „Силен претседател на силна земја“.