Путин: Одговорноста за убиствата во Украина е кај оние кои „издаваат криминални наредби“

Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека му предложил во писмена форма на својот украинска колега Петро Порошенко да ја повлече војската од линијата на разграничување, која е договорена во Минск, објави МИА.

Според шефот на руската држава, Порошенко не му одговорил и ситуацијата во источниот дел на Украина се’ повеќе се влошила.

На седницата на националниот Совет за безбедност, Путин ги информирал членовите дека ноќта наспроти 16 јануари му пишал на Порошенко да го повлече тешкото вооружување „на растојание од кое нема да може да се извршат напади врз населени места“. Рускиот претседател објасни дека предлогот се однесувал за линијата, која „самите киевски власти ја оцениле за праведна и согласна со договорите од Минск“, но од украинска страна не бил испратен никаков „разбирлив одговор“ на рускиот предлог.

Путин смета дека одговорноста за убиствата на луѓето во Украина ја имат оние кои „издаваат криминални наредби“, а истовремено даваат „пропагандни изјави“ дека сакаат мир.

Тој изрази увереност дека ќе надвладее здравиот разум од страна на официјален Киев, додавајќи дека конфликтот може да се реши само со политички, а не со воени средства.

ОН денеска соопштија дека во последните девет дена во источниот дел на Украина загинале 262 лица, што е најкрвавиот период од склучувањето на примирјето во септември минатата година