Путин: Ослободувањето на Алепо важен чекор кон нормализирање на ситуацијата во Сирија

Ослободувањето на Алепо е мошне важен чекор во надминување на конфликтот во Сирија, изјави денеска рускиот претседател Владимир Путин.

Како што јави ТАСС, Путин изрази надеж дека тоа ќе доведе до нормализирање на ситуацијата на целиот Блиски Исток.

На средба со министерот за одбрана Сергеј Шојгу, Путин ја потенцира клучната улога на руската армија во операцијата во северниот сириски град.

Шојгу истакна дека жителите на Алепо почнале да се враќаат по неговото целосно преземање од страна на сириските владини сили, но меѓународните хуманитарни организации се уште не им доставиле хуманитарна помош.

Средбата се одржа пред почетокот на големата годишна прес-конференција на Путин.