Путин подготвен да му ги даде на Сенатот на САД стенограмите од разговорите на Трамп и Лавров

Москва е подготвена да му ги даде на американскиот Сенат записите од разговорите водени меѓу нејзиниот минстер за надворешни работи Сергеј Лавров и американскиот претседател Доналд Трамп минатата седмица во Белата куќа, доколку Вашингтон пројави таква желба, порача во средата рускиот претседател Владимир Путин.

„Доколку американската администрација смета дека тоа е возможно, ние сме подготвени да им го обезбедиме записот од разговорите на Лавров со Трамп на Сенатот и на Конгресот“, изјави рускиот претседател Владимир Путин во текот на задничката-пресконференција со италијанскиот премиер Паоло Џентилони во средата.

Како што подоцна прецизираше за новинарите помошникот на рускиот претседател Јуриј Ушаков, аудо снимка од текот на средбата меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот министер за надворешни работи минатата седмица во Белата куќа не е направена но има стенограми.

Путин високо ги оцени резултатите од седбата на Лавров и Трамп, а исто така ги коментираше шпекулациите дека наводно американскиот претседател на рускиот министер му дал особено чувствителни разузнавачки информации. Рускиот челник притоа оцени дека во САД има „растечка политичка шизофренија“.

„Со ништо друго не можам да ги објаснам обвиненијата против актуелниот претседател дека му пренел некакви доверливи информации на Лавров“, рече Путин. Тој на шега додаде дека сега тој ќе мора да го опомене шефот на дипломатијата да не ги споделува со никој „тие тајни“. „Ниту со мене, ниту со претставнциите на руските разузнавачки агенции. Тоа ќе е многу лошо од негова страна“, забележа Путин.

Според него, оние кои предизвикуваат потреси на политичката сцена во САД со антируските пароли „или не сфаќаат дека предизвикуваат штети, и тогаш се едноставно глупави, или многу разбираат и тогаш станува збор за опасни и бескрупулозни луѓе“.

„Но во секој случај, тоа е работа на самите Соединети држави, и ние немаме намера да се мешаме и нема да се мешаме“, заклучи рускиот претседател Владимир Путин.

Скандалот околу разговорите меѓу Трамп и Лавров избувна откако неуменувани извори од поранешната и сегашната администрација наводно за весникот The Washington Times изјавиле дека американскиот претседател на рускиот министер му дал доверливи информации со што можел да биде компромитиран „стратешки важниот извор на разузнавачката информација“ во врска со џихадистичката организација Исламска држава.

Според политичкиот коментатор на телевизијата CNBC, истекувањето на ваквите информации било овозможено од американските разузнавачките агенции како одмазда за низата критики од страна на Трамп за нивните активности.

Самиот американски претседател тврди дека имал целосно право да ги сподели со Москва одредените информации, кои според медиумите се однесувале на подготвуван терористички напад врз патнички авиони. Белата куќа појасни дека на средбата биле разгледувани заедничките закани, но изворите или методите со кои до нив дошле разузнавачите не биле дискутирнаи, како и воени операции кои не биле познати за јавноста, не биле обелоденети.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.